TheNorthmacedoniaTime

Дурмиши: Владината просечна потрошувачка кошничка со 101 производ ќе биде за 13 отсто поевтина од таа на ССМ

2026-03-02 - 19:38

Министерството за економија и труд денеска на Економско-социјалниот совет (ЕСС) ја презентираше новата просечна потрошувачка кошничка, која според најавите на министерот Бесар Дурмиши, е пореална и поевтина од онаа што ја објавува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Министерот Дурмиши истакна дека според првичните пресметки, нивната кошничка е за околу 13 проценти поевтина од минималната кошничка на ССМ. Дурмиши рече дека владината кошничка содржи 101 производ, со фокус на она што навистина се троши во текот на целиот месец. Тој посочи дека ССМ во својата кошничка вклучува трошок за кирија, што, според него, не е реално. „Според пописот од 2021 година, 90 отсто од населението во Македонија има сопствен дом. Затоа, ставката за кирија ја прави кошничката на ССМ нереална. Нивната е направена од професори кои и самите потврдуваат дека тоа не е минимална кошничка“, изјави Дурмиши. Министерот посочи дека информацијата за кошничката е привремено повлечена поради технички забелешки и предлози од членовите на ЕСС за додавање нови ставки. „Се повлековме за да ги вметнеме овие забелешки и предлози. Очекувам до крајот на овој месец да имаме уште една седница на Економско-социјалниот совет каде повторно ќе ја доставиме преработената верзија“, рече министерот. Доколку тогаш биде прифатена, според Дурмиши, ќе почне да се применува од крајот на овој месец. Во однос на владината просечна потрошувачка кошничка, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески пред еден месец рече дека од неа ќе бидат исклучени цигарите, тутунот, алкохолот и станарината. Според него, синдикатите ја пресметувале синдикалната кошничка врз основа на цените од еден или два маркети, ги зеле предвид и сезонските овошја и зеленчук што не се карактеристични за соодветните периоди, а ја калкулирале и киријата. Притоа, како што додаде, податоците не се однесувале за цел месец, туку кошничката се пресметувала на 20. во месецот. Тоа го правеле, додаде, за да вршат синдикален притисок во јавноста врз Владата за зголемување на платите.

Share this post:
Дурмиши: Владината просечна потрошувачка кошничка со 101 производ ќе биде за 13 отсто поевтина од таа на ССМ | TheNorthmacedoniaTime