Мицкоски: Постигнат е договор, околу 11.000 административци ќе земат покачување на платите од скоро 40% до 2028 година
2026-02-08 - 12:38
Владата постигна договор со репрезентативните синдикати од областа на администрацијата за зголемување и усогласување на платите, со важност до 2028 година, со што ќе бидат опфатени околу 11.000 вработени во државната администрација, судовите и обвинителствата. Ова денеска го соопшти претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, по средбата со претставниците на синдикатите УПОЗ и САДУ. Премиерот истакна дека станува збор за поширок пакет мерки со кои Владата, како најголем работодавач во државата, воспоставува долгорочен договор со своите вработени, слично на претходно склучените договори во образованието и здравството. „Ова е историски момент, бидејќи за првпат имаме јасен и долгорочен план за зголемување и усогласување на платите, со цел да се достигне достоинствено ниво“, изјави Мицкоски, нагласувајќи дека договорот се постигнува во услови на сериозни глобални и внатрешни економски предизвици, но со одговорно и домаќинско управување со државната каса. Тој најави дека постигнатиот договор ќе се операционализира преку индивидуални договори, а воедно повтори дека општиот колективен договор е истечен. Владата, како што рече, е подготвена во наредниот период, заедно со репрезентативните синдикати ССМ и КСС, да започне преговори за нов општ колективен договор кој ќе биде единствена основа за исплата на платите. „Целта е да имаме вин-вин решение – и за работниците и за Владата, а најмногу за граѓаните и државата“, истакна премиерот, додавајќи дека со дел од синдикалните структури постои градење на доверба, иако, како што рече, има и структури кои сè уште се под политичко влијание. Мицкоски изрази задоволство од постигнатиот договор и им се заблагодари на претседателите на синдикатите, на гранковите синдикати, како и на УПОЗ и САДУ за конструктивниот дијалог кој резултираше со заедничко решение.