TheNorthmacedoniaTime

Цената на нафтата „Брент“ надмина 118 долари за барел, гасот во Европа поскапе за 35 отсто

2026-03-19 - 10:23

Цената на нафтата „Брент“ денеска надмина 118 долари за барел поради големата неизвесност на пазарот по нападите на Иран врз енергетските постројки низ Блискиот Исток. Според податоците од берзите, цената на нафтата „Брент“ во 10:30 часот порасна за 10,21 отсто, на 118,760 долари за барел. Европските гасни фјучерси на амстердамската берза ТТФ во еден момент скокнаа и за 35 отсто, а нивната цена е повеќе од удвоена во споредба со периодот пред војната на Блискиот Исток. Растот на цените доаѓа во момент кога конфликтите на Блискиот Исток се шират на клучните производни и извозни точки во регионот на Персискиот Залив, што го зголемува стравот од долгорочни нарушувања во снабдувањето со енергенси. Посебна загриженост предизвика нападот врз ЛНГ постројката во Катар, каде е пријавена голема штета, што дополнително го загрозува глобалниот пазар на гас. Цел на Техеран се и енергетските објекти во Саудиска Арабија, пренесува Блумберг. Рафинеријата „Самреф“ во градот Јанбу, која е во заедничка сопственост на компаниите „Арамко“ (Aramco) и „Ексон Мобајл“ (ExxonMobil), беше погодена со дрон, додека саудиските власти соопштија дека пресретнале и балистичка ракета насочена кон истото пристаниште. Ова е првпат од почетокот на конфликтот да биде погоден објект на Црвеното Море, што дополнително ја компликува логистиката на снабдување. „Арамко“ претходно го зголеми транспортот на сурова нафта од источните полиња кон западните терминали за да го одржи извозот кон Европа, каде рафинериите како „Самреф“ имаат клучна улога во снабдувањето со дизел.

Share this post: