Предложен притвор за четворица мажи од Неготино кои силувале 13 годишно девојче
2026-01-29 - 12:34
Четири лица, лани на 14 февруари со возило зеле 13 годишно девојче од Неготино и го силувале во близина на Криволак, информираат во Основното јавно обвинителство. Јавен обвинител од Јавното обвинителство Кавадарци донел наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Силување дете кое не наполнило 15 години казниво според член 188 став 3 од Кривичниот законик. „Осомничените се договориле и со возило зеле 13-годишно девојче од Неготино со кое еден од осомничените претходно се познавал. Детето го однеле локација надвор од неготинското село Криволак и сите имале сексуални односи со жртвата, удирајќи ја и навредувајќи ја, по што ја вратиле во Неготино“, се наведува во соопштението од Обвинителството. Како што оттаму информираат, во текот на претходната постапка осомничените биле обезбедени со мерки на претпазливост, а со поведувањето на истрагата јавниот обвинител побарал од судот мерките да се заменат со ефективен притвор, посебно поради тоа што прибраните докази до овој момент упатуваат на сомненија за тешко кривично дело за кое е запретена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.