TheNorthmacedoniaTime

Во Париз утре ќе се одбележат 136 години од раѓањето и 95 години од смртта на д-р Анастас Коцарев

2026-03-28 - 07:34

Здружението „Заборавени Македонци“, во соработка со Амбасадата на Македонија во Париз, организира одбележување на 136 години од раѓањето и 95 години од смртта на Анастас Коцарев. Настанот ќе се одржи утре, недела, на 29 март 2026 година, со повеќе активности на две локации во Париз. Програмата започнува во 09:45 часот на Градските гробишта во Бонди, каде ќе се положи свежо цвеќе на почивалиштето на Коцарев, а предвидени се и обраќања на претставници од македонските здруженија и институции. Централниот дел од одбележувањето ќе се одржи од 11:30 часот во свечената сала на Амбасадата во Париз, каде ќе се евоцираат спомени и ќе се потсети на делото на овој значаен македонски деец. Настанот ќе биде збогатен со музички интермецо, по што ќе следи коктел. Во рамки на програмата, од 14:00 часот ќе бидат отворени вратите на Амбасадата за посетителите, со отворање на градината и промоција на проектот „Амбасада – пријател на културите“, во чии рамки ќе биде отворена и библиотека во просториите на дипломатското претставништво. Предвидена е и промоција на „Клубот на пријатели на Амбасадата“. Организаторите упатуваат покана до сите заинтересирани да присуствуваат и да оддадат почит кон ликот и делото на д-р Анастас Коцарев. Анастас Коцарев е еден од значајните македонски научници и општествени дејци од почетокот на 20 век. Роден во Охрид во 1890 година, Коцарев се образувал во Женева, а својата научна кариера ја градел во Швајцарија и Франција, каде работел како лекар и универзитетски предавач по онкологија. Се смета за пионер во примената на радиотерапијата и радиографијата, а неговите истражувања во областа на дијагностика и лекување на рак биле значајни за времето во кое работел. Покрај научната работа, Коцарев бил активен и на политички план, залагајќи се за создавање самостојна македонска држава. Починал во Париз во 1931 година, каде и денес се наоѓа неговото вечно почивалиште.

Share this post: