TheNorthmacedoniaTime

Британскиот регулатор го казни „Редит“ со 14,5 милиони фунти за користење податоци на деца под 13 години

2026-02-24 - 15:27

Британскиот регулатор за заштита на податоци (ICO), ја казни социјалната мрежа „Reddit“ со 14,5 милиони фунти поради незаконско користење на лични податоци на деца помлади од 13 години и нивна потенцијална изложеност на несоодветна содржина, објави Гардијан. Ова е највисоката казна што регулаторот досега ја изрекол за прекршување на приватноста на деца. Од „ICO“ соопштија дека пред воведувањето на построги проверки на возраст во јули минатата година, на платформата имало голем број деца под 13 години, а компанијата немала законска основа за обработка на нивните лични податоци. Иако „Reddit“ бара од корисниците да ја наведат својата возраст при отворање профил, регулаторот оцени дека потпирањето на самодекларирање претставува ризик, бидејќи лесно може да се заобиколи. „На децата под 13 години им биле собрани и користени лични податоци на начин што не можеле да го разберат, да дадат согласност или да го контролираат. Тоа ги изложило на содржини што не требало да ги гледаат. Ова е неприфатливо и резултираше со денешната казна“, изјави информативниот комесар Џон Едвардс. Ова е трета најголема финансиска казна што e изречена од „ICO“, по казната од 20 милиони фунти за „British Airways“ поради загрозување на безбедноста на податоците во 2018 година и казната од 18,4 милиони фунти за „Marriott International“ поради кибернапад во 2014 година со кој беа компромитирани повеќе од 300 милиони кориснички записи. Од „Reddit“ најавија дека ќе поднесат жалба на одлуката. „Инсистирањето на ICO да собираме повеќе приватни информации од секој корисник во Обединетото Кралство е контраинтуитивно и спротивно на нашето силно уверување во приватноста и безбедноста на корисниците“, изјави портпарол на компанијата. Компанијата посочи дека не бара од корисниците да споделуваат информации за својот идентитет, без оглед на возраста, бидејќи се „длабоко посветени на нивната приватност и безбедност“. Во условите за користење стои дека со користење на услугата, корисниците изјавуваат дека имаат најмалку 13 години. Од јули минатата година, „Reddit“ воведе и задолжителна проверка на возраст за корисниците од Обединетото Кралство кои сакаат да пристапат до содржина за возрасни. За таа цел, тие мора да достават селфи фотографија или фотографија од документ за идентификација издаден од државен орган, со цел усогласување со британскиот Закон за онлајн безбедност. Од „ICO“ порачаа дека компаниите кои нудат онлајн услуги достапни за деца имаат обврска да обезбедат ефективни мерки за утврдување на возраста и заштита на малолетниците од ризици поврзани со обработката на нивните податоци. „Reddit не ги исполни овие очекувања“, заклучи регулаторот.

Share this post: