Пламенка Трајковска премиерно ќе го претстави видео записот од најновиот сингл со наслов „Гласот на патувањето – Балканска песна бр.14“
2026-01-28 - 08:43
На 30 јануари (петок) во 12.00 часот на јутуб каналот на виолинистката Пламенка Трајковска премиерно ќе биде претставен видео записот од најновиот сингл со наслов „Гласот на патувањето – Балканска песна бр.14“ . Премиерата ќе биде на следниот линк: https://youtu.be/U5_UKCZUsEI Композицијата „Гласот на патувањето- Балканска песна бр.14“ е дел од најавениот музички албум „Балканско патување и претставува уметничка рефлексија врз заедничкото музичко наследство на балканскиот културен простор, сфатен како динамична и историски слоевита звучна средина. Делото е напишано за гудачки квартет и се заснова на мелодиска матрица која егзистира во различни варијанти низ регионот низ следните балкански песни и тоа: македонската песна „Ој девојче“, турската песна „Uskudar gider iken “, босанската песна „Анадолка“, српската песна „Русе косе цуро имаш“ и албанската песна „Mu ne bahcen tende“. На овој начин, „Гласот на патувањето – Балканска песна бр.14“ воспоставува дијалог меѓу традиционалното и современото, меѓу фолклорниот извор и камерната музичка практика, третирајќи ја традицијата како жив, подвижен систем што се обликува преку интерпретација, контекст и културна размена. Автор и изведувач е Пламенка Трајковска а во гудачкиот квартет учествуваат следните музичари: Пламенка Трајковска – виолина, Милена Гиевска Андоновска – виолина, Љубица Бошкоска- виола и Александра Јаневска – виолончело, информира Трајковска. Синглот „Гласот на патувањето- Балканска песна бр.14“ е веќе објавен на сите светски онлајн музички платформи како Спотифај, Ајтунс и други и може да се преслуша на следниот линк: https://distrokid.com/.../the-voice-that-travels-balkan... . Аудио снимката е направена во студиото Подрумот со Ангел Ќосев. Видео записот е сниман од Дејан Маркоски во студиото Пролајт. Монтажата на видео материјалот ја направи Пламенка Трајковска а фотосесијата ја направи Константин Калошев. Албумот „Балканско патување“ е музичко-истражувачки проект кој ја обединува класичната музика со богатството на мелодии и ритми од сите балкански региони, создавајќи уникатен и пленителен звук.