Над 150 возачи уапсени за 10 дена, најголем дел заради возење под дејство на алкохол и без возачка дозвола
2026-03-11 - 10:39
Во првите десет дена од март македонските возачи направиле 6.264 сообраќајни прекршоци, а 151 лице било лишено од слобода заради безобѕирно управување на возило. Како што информират од Министерството за внатрешни работи, од 1 до 10 март, како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 6.264 издадени платни налози, 1.800 прекршоци се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење. „Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило биле 151 лице, од кои 32 за возење под дејство на алкохол, еден за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, три за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место, 50 за возење без возачка дозвола, 12 поради претходно изречена забрана за управување на возило. Во истиот период одземени се 53 возила“, велат од МВР. Во текот на првите 10 дена од март евидентирани се и 1.477 прекршоци за неправилно паркирање, како и 110 санкции за возење под дејство на алкохол. Санкционирани биле и 43 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а казнети се и 238 пешаци и еден возач на електричен тротинет. Исто така санкционирани се 754 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 67 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 79 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 25 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата.