Владата го намали ДДВ на горивата од 18 на 10 отсто, Мицкоски очекува цената на бензинот да остане иста, а дизелот да поскапи најмногу за 3,5 денари
2026-03-22 - 13:24
Данокот на додадена вредност на горивата се намалува од 18 на 10 отсто, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски, откако Владата одржа вонредна седница на која ја разгледуваше состојбата со кризата во снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Мицкоски вели дека со потегот на Владата очекува цената на бензинот да остане непроменета, а на дизелот да се зголеми најмногу до 3,5 ден за литар. Намалувањето на данокот ќе трае две недели, а ќе стапи на сила во понеделник на полноќ. „Врз основа на анализите на Регулаторната комисија за енергетика и состојбите на глобалниот пазар и берзите се очекува на утрешната седница да предлжат ново зголемување на цените на горивата и тоа за бензинот од 6,5 денари, а за дизелот од 10,5 денари за литар. Тоа би значело дека, доколку не донесевме одлука за намалување на ДДВ, Еуросупер БС 95 ќе поскапеше на 93 денари, Еуросупер БС 98 на 95 денари, досека дизелот на 102,5 денари, рече Мицкоски. Тој најави дека освен веќе договорениот попуст од два денари за литар, ќе се разговара со ОКТА за зголемување на попустот кон трговците, но најави дека очекува и тие да намалат дел од својот профит додека трае кризата. „Со мерката која ја усвоивме граѓаните и фирмите ќе можат да заштедат 200.000 евра на ден или 1,5 милиони евра за една недела, со оглед на тоа дека потрошувачката се движи околу 1,2 милиони литри дизел и 400.000 литри бензин“, рече Мицкоски и потенцираше дека Македонија и понатаму има најниски цени на горивата во регионот. Од таа причина во последниот период е забележанио зголемување на побарувачката на горива од девет отсто во пограничните региони, каде доаќаат граѓани од соседните земји, а дневната потрошувачка е зголемена за 150.000 литри. Во Србија, рече Мицкоски, Еуросупер БС 95 бензин чини од 1,6 до 1,83 евра за литар, а дизел 1,8 евра за литар. Во Хрватска дизелот се продава од 1,55 до 2 евра, а во Косово 1,6 за литар. Мицкоски нагласи дека електро-енергетскиот сектор е стабилен и дека земјава има резерви да се потрпре на сопствено производство за еден месец. Сепак, посочи дека за АД ЕСМ е предизвик цената на мазутот, која ќе биде точка на дневен ред на следната седница на Владата „Размислуваме да интервенираме кон ЕСМ со одредена количина мазут за да не се зголемат трошоците на компанијата, со што се очекува да не се зголемува цената и да се задржи ниското ниво на инфлацијата“; посочи Мицкоски. Тој образложи дека се одлучиле за намалување на данокот, а не на акцизата, како побрза и поефикасна мерка, која ќе може да даде резултати на краток рок и да го намали товарот од зголемените цени кај граѓаните и компаниите.