TheNorthmacedoniaTime

УЈП: Да се усогласат фискалните системи со намалената стапка на ДДВ за горива од 18 на 10 отсто

2026-03-24 - 10:04

Согласно владината одлука за определување на видот на добрата и временскиот период на примена на повластена даночна стапка, донесена на вонредна владина седница одржана на 22 март, во периодот од 24 март (00:01 часот) до 6 април (24:00 часот) 2026 година ќе се применува повластена даночна стапка на прометот на енергенсите (горивата) од 10%. „УЈП ги известува сите даночни обврзници кои вршат трговија на мало со моторни горива и мазива во специјализирани продавници дека се должни навремено да извршат усогласување согласно тарифникот од одлуката, односно да ги прилагодат фискалните системи, ценовниците и фактурирањето, со цел правилна пресметка, евидентирање и прикажување на повластената стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 10%. УЈП укажува дека примената на оваа мерка мора да биде доследна и во согласност со законските одредби. УЈП ќе врши засилени контроли со цел да се обезбеди целосно почитување на истите, при што за евентуални неправилности ќе бидат преземени соодветни законски мерки“, се наведува во соопштението од УЈП. Оттаму ги повикуваат сите засегнати субјекти да постапуваат согласно прописите и да придонесат кон транспарентно и законито работење. Вчера, Регулаторната комисија за енергетика ги објави новите цени на горивата. Дизел горивото поскапе за 3,5 денари по литар. Од почетокот на оваа година, дизелот поскапе за 45 отсто, а бензините за 20 отсто. Дизелот и екстралесното масло имаа рекорден скок, односно, еден литар дизел гориво на македонските бензински пумпи на почетокот на 2026 година се продаваше за 64,5 денари, а сега достигна 95,5 денари според последната одлука на РКЕ. Безоловниот бензин се продаваше за 70 денари, сега чини 86,5 денари. Екстралесното масло, пак, се продаваше за 64 денари, сега чини 92 денари по литар. Според премиерот Мицкоски, со тоа што е донесена одлука да се намали ДДВ-то наместо акцизата се врши поголемо влијание врз крајната цена, односно таа ќе се намали за 6,5 до 7. Додека ако се намалела акцизата, тоа ќе значело само денар или два помалку за крајните потрошувачи.

Share this post: