TheNorthmacedoniaTime

За довршување на автопатот Кичево-Охрид нови 186 милиони евра, треба да се изгради до јуни идната година

2026-02-26 - 10:08

Со нови 186 милиони евра и рок до јуни идната година ќе се довршува автопатот Кичево – Охрид. За целосна изградба на делницата, која започна да се гради пред 12 години, ќе се потпише нов анекс на договорот за изградба меѓу Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и изведувачот кинески „Синохидро“. Дополнителните финансии се наменети за стабилизација на свлечишта со изградба на 14 галерии, поставување ограда, изградба на паралелни пристапни патишта што не биле предвидени за поврзување на населените места, како и за контролен центар за тунелите. Собранието вчера ги изгласа дополнувањата на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, со кои се предвидува да се случи Анекс бр. 8, за автопатот во должина од 57 километри од кој досега се пуштени 40-ина километри. – Интензивно се работи на проектот и со овој анекс конечно ќе го завршиме автопатот Кичево – Охрид – рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Според него дополнителните средства и време се потребни за целосно завршување на проектот со работи што не биле предвидени од основниот проект. „За таа цел предвидуваме стабилизација на свлечишта. Ќе се градат 14 галерии долж автопатот, ќе се изведат и дополнителни работи за еластична одбојна ограда, со примена на европски стандарди, а која не била предвидена воопшто. Дополнителни финансиски средства има за изградба на контролен центар за тунелите кој ќе служи и за тунелот што ќе се гради на делницата Кичево–Букојчани“, рече Николоски. Исто така, ќе се финансираат пристапни патишта што не биле предвидени во првичниот план, а се предвидени во претходните анекси на договорот кои се неопходни за функционалност и сообраќајно поврзување на населените места долж автопатот. Тоа се пристапни патишта од село Арбиново до село Издеглавје, од село Издеглавје до Ново Село, од Ново Село до село Ботун, од Мешеиште до Требениште, од Требениште до Подмоље и до Охрид. Со потпишувањето на Анекс бр. 8, инвеститорот и изведувачот се согласни дека изведувачот има право на продолжување на рокот за завршување за дополнителни 151 ден. По 11 години изградба на автопатот Кичево-Охрид на 13 јули лани беа пуштени првите 20 километри, на потегот од Врбјани до Ботун, а на 7 септември уште една делница, Климештани-Охрид, во должина од 17 километри. За изградбата заклучно со крајот на минатата година реализирани се 557.985.782 евра или 93,3 проценти од предвиденото.

Share this post: