TheNorthmacedoniaTime

ОКТА даде попуст, Мицкоски очекува намалување на цените на горивата за 2,5 денари по литар

2026-03-13 - 13:46

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека очекува намалување на цената на нафтените деривати за околу 2,5 денари по литар, по најавата од „ОКТА“ дека на компаниите со кои соработува ќе им понуди попуст. „ОКТА од денеска им понуди на компаниите кои набавуваат од неа попуст од околу 45 до 50 долари по тон нафта. Тоа би значело намалување околу 2,5 денари по литар. Разговарав и со голем дел од сопственици на бензински пумпи кои се обврзаа да го пренесат намалувањето на крајните корисници. Бидејќи регулаторна ја одредува највисоката цена, очекувам откако ова ќе биде објавено, во текот на денот, за околу 2,5 денари по литар бидат намалени нафтата и нафтените деривати“, рече Мицкоски. Тој направи споредба со цените на горивата во регионот и нагласи дека Македонија ќе има најниски цени. Според него, кај нас еден литар дизел кај нас би се продавал за 1,35 евра, а во соседството на пример, во Србија и Албанија е 1,80 евра, во Косово е 1,5 евра, додека во земјите од Европската Унија над две евра. ОКТА денеска објави дека од денеска до крајот на овој месец ќе обезбеди попуст од 2 денари по литар дизел и бензини, за трговците кои набавуваат горива од компанијата, со што ќе им овозможи им дополнителна флексибилност оваа поддршка да ја рефлектираат во цените што им ги нудат на своите потрошувачи. „Трговците на големо и мало и понатаму самостојно ќе ги утврдуваат своите продажни цени, во согласност со сопствените комерцијални политики и пазарните услови. Врз основа на очекуваните количини на горива кои треба се пласираат на домашниот пазар до крајот на овој месец, оваа иницијатива претставува вкупен придонес за поддршка на пазарот од страна на ОКТА во износ од околу 2 милиони евра. Тоа ја одразува посветеноста на компанијата кон сигурност на снабдувањето, стабилност на пазарот и ублажување на тековните пазарни притисоци“, посочуваат од компанијата. Одлуката, велат од ОКТА е донесена по успешниот прием на дополнителни количини на гориво преку продуктоводот ВАРДАКС, што дополнително го зајакнува капацитетот за снабдување на земјата. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска го поздрави овој чекор, и посочи дека очекуваме и компаниите кои работат во малопродажба да го следат овој пример и попустот да се рефлектира и во цените што ги плаќаат граѓаните. Таа информира дека минатата недела во Владата се одржа координациски состанокна кој беше констатирано дека компаниите располагаат со обезбедени залихи и стабилен увоз на горива. Врз основа на состојбите на светските пазари и глобалните настани кои влијаат врз цените на горивата, Владата ќе разгледа и други механизми што ѝ стојат на располагање за заштита на граѓаните, како корекции на даночните стапки, како намалување на ДДВ за горивата, како и прилагодување на акцизите, возависност од движењата на светските цени.

Share this post: