Лажен лекар измамил битолчани за речиси 20.000 евра
2026-02-26 - 09:59
Осумдесет и четиригодишна жена од Битола пријавила во СВР Битола дека била измамена за сума од 9.600 евра. Како што информираат од полицијата, на 25 февруари 2026 година околу 16 часот, непознато лице и се јавило телефонски, се претставило како лекар, соопштило дека нејзината ќерка се здобила со скршеници па е потребна итна операција, за која требало да се плати одредена сума пари. Според пријавата, жената ги предала парите на лице кое дошло пред нејзината зграда. Подоцна, откако стапила во контакт со својата ќерка, сфатила дека станува збор за измама. Само еден ден претходно, во СВР Битола, 83-годишен битолчанец пријавил сличен случај, во кој бил измамен за 10.000 евра. И во овој случај, измамникот телефонски се претставил како лекар и му кажал дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди, поради што била неопходна итна операција. Пензионерот ги предал парите на лице кое дошло пред неговиот дом, а измамата ја открил откако разговарал со својот син. Полицијата презема мерки за расчистување на случаите.