Повеќе од 200 српски државјани се евакуирани од Дубаи, денес авионот слета во Белград
2026-03-03 - 10:27
Авионот „Флај Дубаи“ од Обединетите Арапски Емирати со 200 граѓани на Србија слета во Белград, пренесува српскиот Н1. „Процесот на евакуација на српските граѓани од регионот на Блискиот Исток е во тек. Првиот авион со 200 српски државјани полета синоќа од аеродромот во Дубаи“ пишува РТС. Аеродромот во Дубаи објави дека првиот лет од Обединетите Арапски Емирати до Србија, по прекинот на летовите поради тензиите на Блискиот Исток, полетал околу 23:30 часот по средноевропско време. Станува збор за авион „Боинг 737 Макс 8“ на авиокомпанијата „Флај Дубаи“, со капацитет од 162 до 200 патници. Авиокомпанијата од Дубаи „Емирати“ вчера објави дека започнува сообраќај со ограничен број летови. „Приоритет им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои се прераспределени на овие ограничени летови ќе бидат директно контактирани од Емирати“, се вели во соопштението на компанијата. Авиокомпанијата апелираше до патниците „да не доаѓаат на аеродромот освен ако не се информирани“. Компанијата додаде дека сите други летови остануваат суспендирани до понатамошно известување.