TheNorthmacedoniaTime

Најскапиот станбен квадрат во 2025 година од 3.784 евра е платен во Аеродром

2026-03-24 - 11:24

Најмногу недвижнини се продале во скопската општина Центар во минатата година, каде што е регистрирана и највисоката просечна цена на квадрат, од 1.692 евра, покажуваат податоците од Годишниот извештај од Регистарот на цени и закупнини за пазарот на недвижности за 2025 година, објавен од Агенцијата за катастар на недвижности. Скопските општини Карпош и Аеродром се во топ трите општини со најскап станбен квадрат. Во Карпош просечната цена на станови изнесува 1.558 евра за квадрат, додека во Аеродром е 1.419 евра. Најмногу трансакции се реализирани во Центар 2.414, во Аеродром 1.963, а во Карпош 1.791 трансакции, но највисоката цена за стан по метар квадратен е постигната во Аеродром, каде достигнала 3.784 евра за квадрат. Најскапиот стан е продаден во Аеродорм за 166.500 евра, најскапата куќа е во Општина Центар и чинела 1.5 милиони евра, додека најскап деловен простор е продаден во Општина Центар за 6.8 милиони евра. Извештајот на катастар нотира дека пазарот на недвижности во 2025 година бележи значителна активност со вкупно 33.381 реализирани трансакции, што претставува раст од 7,6 % во споредба со 2024 година. Зголемен е и бројот на купопродажби, регистрирани се 23.470 трансакции, што е раст од 4 %, евидентирани се 9.911 закупи, што е зголемување за 17 %, додека вкупната остварена финансиска вредност на пазарот изнесува 1,14 милијарди евра, што е раст од 12,9 % во споредба со 2024 година. Становите остануваат најдоминантен сегмент на пазарот и во текот на минатата година со 33 % во вкупниот број на купопродажби и дури 48 % од вкупната вредност на пазарот. Иако бројот на продадени станови е намален за 3,9 %, нивната вредност пораснала за 10,8 %. Земјоделското земјиште и шумите учествува со 31 % во вкупниот број на купопродажби, додека градежното земјиште со 14 % бележи значителен раст на купопродажната вредност од 36 %, во споредба со претходната година. Куќите учествуваат со 13 % во вкупниот број на купопродажби. Забележан е раст на купопродажната вредност во споредба со претходната година од 37 %. Минатата година најмногу се закупувале станови, со 35 % од недвижнините, а вкупната месечна закупнина има раст од 15 % во споредба со претходната година. Закупот на деловни простори учествува со 34 % на пазарот и бележи раст на вкупната месечна закупнина од 24 % во споредба со претходната година.

Share this post: