TheNorthmacedoniaTime

АНАЛИЗА: Фијаско на јавните инвестиции, во 2025 година реализација под 66 отсто

2026-01-27 - 09:52

Од ресорите со милионски буџети за капитални расходи, најголема реализација имале МВР и Министерството за социјална политика. Во Министерството за транспорт и Министерството за одбрана, кои располагаа со стотици милиони евра за јавни инвестиции, една третина од парите останала неискористена, пишува Порталб. Дел од ресорите не успеале да реализираат ниту 10 отсто од планот, а неколку пак, оствариле над 90 отсто од планираното. Во 2025 година капиталните расходи се реализирани со 65,76 отсто. „Порталб“ ги рангира ресорите според висината на буџетите и нивото на остварување на инвестициските проекти Кој ресор колку пари потрошил за капитални расходи Министерството за транспорт и врски кое е на врвот според износот за капитални расходи, лани позиционирани на над 252 милиони евра, во економската 2025 та испорачало реализација од 73,1 отсто. Втор ресор со „најголем“ буџет за инвестиции во износ од 124 милиони евра е Министерството за одбрана кое од годишниот план реализирало 64,3 отсто. Реализацијата на капиталните расходи во Министерството за финансии-функции на држава, од каде се алиментираат носечки капитални проекти и на централно и на локално ниво, од вкупно 63 милиони евра, реализирало само 32,2 отсто. Овој сегмент од Министерството за финансии е „задолжен“ и за проектите на општините кои се финансирани од унгарскиот кредит. Министерството за внатрешни работи испорачало позначајни 82,7 отсто реализација на вкупниот буџет во износ од 35,5 милиони евра. Министерството за образование, кое лани имаше 42,5 милиони евра за капитални инвестиции, на крајот од годината испорача реализација од 60,4 отсто додека Министерството за земјоделство од вкупната сума од 9,1 милион евра, потрошило 78,4 отсто. Од вкупниот буџет за јавни инвестиции во износ од 8,5 милиони евра, Министерството за здравство потрошило 3,9 милиони евра или 53,5 отсто од сумата. Министерството за социјална политика и демографија од вкупно 7,1 милион евра за јавни инвестиции испорачало реализација од 78,8 отсто, а Министерството за животна средина од вкупниот буџет во износ од 58,4 милиони евра потрошило 70,3 отсто додека во Министерството за енергетика реализацијата изнесува 61,6 отсто. Во групата ресори со ниска реализација спаѓаат Министерството за локална самоуправа со само 16,2 отсто и Министерството за култура кое потрошило незначителни 9,6 отсто од вкупниот износ за јавни инвестиции а помалку од 10 отсто реализација има и во Министерството за правда. Министерството за економија и труд кое лани за капитални расходи имало незначителни 124.000 евра, испорача реализација од 41,5 отсто. Реализација од 55,2 отсто има во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Позначајна реализација пак на капиталните расходи имаат Министерството за јавна администрација кое потрошило 96,6 отсто од планираната сума и Министерството за дигитална трансформација 90,6 отсто. Во оваа група е и Министерството за спорт кое располагаше со поголема износ за капитални расходи од над 8,5 милиони евра при што од оваа сума потрошило 96,9 отсто. Нула реализација на капиталните расходи има Инспекцискиот совет, Националната агенција за европски образовни програми и Бирото за судски вештачења. Годинава капиталните расходи се проектирани на ниво од 640 милиони евра. Од Министерството за финансии објаснија дека нивото на јавни инвестиции годинава е пониско во однос на лани поради реална проекција и структура на планираните капитални проекти.

Share this post: