ССМ: За три месеци животот поскапе за околу 2500 денари
2026-03-19 - 14:45
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска објави дека трошоците за живот значително пораснале во првите три месеци од 2026 година, додека најавеното усогласување на минималната плата, според нив, не го следи тој раст. Според податоците на Сојуз на синдикати на Македонија, вредноста на синдикалната минимална кошница за периодот јануари–март 2026 година се зголемила за 2.326 денари. Само во март, минималната кошница достигнала 67.818 денари, што е зголемување од 436 денари во однос на февруари, кога изнесувала 67.382 денари. Доколку се пресметаат и трошоците за изнајмување стан од 60 квадратни метри, вкупните месечни расходи достигнуваат 83.193 денари. Од ССМ посочуваат и на растот на цените на горивата. Цената на еуродизелот во периодот од 5 јануари до 16 март се зголемила од 64,5 на 92 денари за литар, односно за 27,5 денари.