Регулаторна ги објави новите цени: Дизелот поскапува за 3,5 денари по литар
2026-03-23 - 15:34
Реалната цена за еден литар дизел гориво на македонските бензински пумпи се покачи за 45 отсто од почетокот на 2026 година, главно благодарејќи на нападите на Израел и САД на Иран по што цените на нафтата на светските берзи доживеа вртоглав раст. Еден литар дизел во Македонија на 6 јануари годинава се продаваше за 64,5 денари, а од вечерва на полноќ на најголем дел од бензинските пумпи ќе се продава за 95,5 денари по литар, односно по 93,3 денари со вкалкулирано намалување од страна на најголемиот добавувач во земјава, ОКТА. Ова намалување е предвидено да трае до крајот на месец март, освен ако во меѓувреме не се договори ново. Според последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, која сè уште не објавена на нивната веб-страница, новите максимални цени на горивата кои ќе важат од ноќеска на полноќ, 24 март, ќе изнесуваат 95,5 денари по литар за ЕВРОДИЗЕЛ, 86,5 денари за литар ЕУРОСУПЕР 95, потоа 88,5 денари за литар ЕУРОСУПЕР 98, за екстралесно масло за домаќинствата ќе чини 92 денари за литар, а мазутот ќе се продава за 47,61 денари по килограм. Со денешната одлука беа променети цените на дизел горивото кое поскапе за 3,5 денари по литар, а цените на бензините останаа исти како и минатата недела, впрочем како и што најави премиерот Христијан Мицкоски на неделната прес-конференција по вонредната седница на владата на која беше изгласано намалување на Данокот на додадена вредност за нафтените деривати од 18 на 10 отсто и беше прогласена кризна состојба. Според премиерот Мицкоски, со тоа што е донесена одлука да се намали ДДВ-то наместо акцизата се врши поголемо влијание врз крајната цена, односно таа ќе се намали за 6,5 до 7. Додека ако се намалела акцизата, тоа ќе значело само денар или два помалку за крајните потрошувачи. „Правевме анализа, имајќи ги предвид цените на берзите за безоловниот бензин 95 и 98 октани и дизелот, а согласно закон, репер берза за нас е италијанската берза, односно ФОБ Италија, на место на испорака таму. Дојдовме до заклучок дека доколку би интервенирале во акцизите, тогаш намалувањето за бензините безоловниот 95 и 98 октански ќе беше 1 денар по литар, а за дизелот ќе беше 2 денара по лита. Затоа одлучивме да имаме поробусна, поголема интервенција и на овој начин се намалуваат цените, отприлика за 6,5 до 7 денари по литар. Но се разбира состојбата ќе ја следиме и како следна мерка кога веќе тоа намалување би било позначајно, ќе го имаме и тоа предвид. Но сега сакавме поголема, поробусна интервенција за веднаш да почувствуваат граѓаните, да нема зголемување драматично коешто би удрило на стандардот на граѓаните“, рече Мицкоски. На неделната прес-конференција тој подетално се осврна на истото прашање посочувајќи дека методологијата во законот за акцизи вели дека во втората половина од месецот се анализираме цената на горивата од првата половина и се вади просечна цена. „Според анализата, во првата половина на март цената на премиум безоловен е 874,47 долари за тон, што значи според нашиот закон намалувањето би било само еден денар, а просечната цена за дизелот за првата половина на март е 1.061,85 долари, што значи два денари намалување за литар. Ги следиме и цените во првите пет дена од втората половина на март (од 16 до 20 март), кога просечна цена на берзата за безоловен бензин е 1.070 долари, што според закониот значи намалување од 2 денари. Додека просечната цена на еден тон дизел е 1.305,85 долари по тон, што би значело намалување од 4 денари по литар“, рече Мицкоски додавајќи оти сè уште постои можноста за намалување на маржата на трговците. Регулаторната комисија за енергетика до објавата на овој текст, не ја објави одлуката за утврдување на новите цени на горивата, но неколку часа претходно објави измени на правилникот за формирање на цените. Со овие измени, РКЕ најпрво донесе одлука во однос на тоа за колку може да отстапува трговската маржа според разни ставки на ДДВ. Така, за ставка од 18 отсто ДДВ, трговската маржа може да отстапува за 0,212 денари по литар, но за ставка од 10 отсто маржата може да отстапува за 0,227 денари по литар, за 5 отсто 0,238 денари по литар и за 0 отсто ДДВ, маржата може да отстапува за 0,250 денари по литар. Потоа, РКЕ одлучи и дека при идни измени на давачките (акциза, ДДВ, трговска маржа и сл.) може да биде свикана вонредна седница на која ќе се утврдат нови цени на нафтените деривати според новите давачки, но просечната берзанска цена и средниот курс на доларот според кои се пресметуваат цените ќе се смета дека останале исти. Новиот став 4 од членот 8 во Правилникот гласи: „(4) Ако помеѓу две редовни седници со акт се направат промени на износите на надоместоците или даноците или таксите што се вклучени во пресметката, тогаш на вонредна седница се донесува нова вонредна одлука за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, во која се вклучени новите износи на надоместоците или даноците или таксите, а просечната берзанска цена и средниот курс денар/USD остануваат исти како и во последната одлука за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт“.