Инјекција за слабеење би можела да се произведува за 3 долари, покажува нова студија
2026-03-09 - 12:46
Инјекции за слабеење како „Вегови“ би можеле да се произведуваат за само 3 долари, според нова анализа, што потенцијално би го направило третманот достапен за милиони луѓе во посиромашните земји кога ќе истечат патентите, пренесува „Гардијан“. Повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со дебелина, а стапките брзо растат во земјите со пониски приходи, бидејќи тие сè повеќе преминуваат на западен начин на исхрана и помалку активен начин на живот. Светската здравствена организација (СЗО) во септември минатата година го прогласи семаглутидот кој се продава за лекување на угоеност под брендот „Вегови“ и за дијабетес под брендот „Оземпик“, за есенцијален лек. Но, глобалните здравствени лидери тогаш предупредија дека високите цени го ограничуваат пристапот до лекот. Ново истражување, односно научен труд кој е пред официјално рецензирање, сугерира дека семаглутидот би можел масовно да се произведува за 3 долари (околу 2,35 фунти) месечно во форма на инјекција. Поновите формулации, кои се земаат како таблети наместо инјекција, би можеле да се произведуваат за околу 16 долари месечно. Еден од авторите, Ендру Хил од одделот за фармакологија на Универзитетот во Ливерпул, изјави дека овие ниски цени ја отвораат вратата за глобален пристап до еден основен лек. Истражувачите исто така откриле дека основните патенти за семаглутид треба да истечат во 10 земји оваа година, вклучувајќи ги Бразил, Кина, Индија, Јужна Африка, Турција, Мексико и Канада од 21 март, што отвора пат за генеричка конкуренција. Тие идентификувале уште 150 земји каде што патенти воопшто не биле поднесени, вклучувајќи го и поголемиот дел од Африка. Во тие 160 земји живеат 69% од луѓето со дијабетес тип 2 и 84% од луѓето со дебелина. Друг автор, Франсоа Вентер од Универзитетот во Јоханесбург кажа дека лекови за лекување на ХИВ, туберкулоза, маларија и хепатитис се достапни во земјите со ниски и средни приходи по цени блиски до трошокот на производство и дека тоа спасило милиони животи. „Истовремено им овозможи на генеричките компании да остварат доволен профит за одржливо снабдување. Можеме да ја повториме оваа медицинска успешна приказна и со семаглутид“, рече тој.