„Нов бран отпуштања во „Амазон: 30.000 работни места укинати од октомври
2026-01-28 - 13:44
„Амазон“ во средата потврди дека отпушта уште 16.000 вработени, со што го заокружува планот за околу 30.000 отпуштања од октомври наваму, но не ја исклучува можноста и за дополнителни, пренесува Ројтерс. Иако бројката од 30.000 претставува мал дел од вкупно милион и половина работници во компанијата, од кои најголемиот дел работат во магацини и логистички центри, тоа е скоро 10 отсто од административната и менаџерската структура. Според директорката за човечки ресурси на „Амазон“, Бет Галети, со „намалување на бројот на менаџерски позиции, зголемување на одговорноста и отстранување на бирократијата“, компанијата ќе се зајакне, нешто што е неопходно за Амазон. Ова е втора голема рунда отпуштања во последните три месеци, откако „Амазон“ во октомври укина 14.000 работни места, тогаш наведувајќи дека причините се поврзани со вештачката интелигенција и промените во корпоративната култура. Компанијата претходно призна дека во периодот на пандемијата од ковид-19 претерано вработувала, кога онлајн-нарачките нагло растеле. „Некои од вас можеби се прашуваат дали ова е почеток на нов ритам, најава на масовни отпуштања на секои неколку месеци. Тоа не е наш план“, напиша Галети во пораката во средата. Во вторникот, „Амазон“ по грешка испратил мејл до дел од вработените во „Амазон веб сервисис“ (AWS) во кој отпуштањата биле наречени „Проект Зора“, што дополнително ги вознемирило илјадниците работници. Извршниот директор на „Амазон“, Енди Џеси, уште минатото лето изјави дека поголемата употреба на алатки со вештачка интелигенција ќе значи повеќе автоматизација и губење на дел од корпоративните работни места. Технолошките гиганти, меѓу кои „Амазон“, „Мета“ и „Мајкрософт“, значително го зголемија бројот на вработени за време на пандемијата, а во последно време спроведуваат реструктурирање. „Амазон“ во вторникот најави дека ќе ги затвори сите преостанати физички продавници „Fresh“ и маркетите „Go“, што претставува дополнително повлекување од стратегијата за класични продавници. Компанијата инвестира и во роботи во своите магацини за да го забрза пакувањето и испораката, да ја намали зависноста од човечка работна сила и трошоците. Акциите на „Амазон“, кој треба да ги објави кварталните резултати следната недела, пораснаа за помалку од еден процент во претпазарното тргување.