Повеќе од 30 загинати во експлозија во џамија во Пакистан
2026-02-06 - 12:08
Најмалку 30 лица се убиени во експлозија во шиитска џамија за време на петочната молитва во пакистанскиот главен град Исламабад, соопштија локалните власти. Експлозијата во џамијата во областа Тарлаи во градот предизвика прогласување вонредна состојба во три болници во градот, а владин претставник изјави дека повеќе од 160 се повредени. Причината за експлозијата не е јасна, но извештаите сугерираат дека нападот е извршен од бомбаш самоубиец. Претседателот на Пакистан Асиф Али Зардари вго осуди настанот и посочи дека таргетирањето невини цивили е злосторство против човештвото и истакна дека целата нација стои рамо до рамо со погодените семејства, јавува новинската агенција АП. Пакистанскиот министер за внатрешни работи, Мохсин Накви, го осуди нападот и побара од властите да им обезбедат најдобра медицинска помош на повредените, кои пристигнуваат во разни болници во градот. Досега никој не ја презеде одговорноста за нападот, но се сомневаат во терористички организации како што се Исламска држава или пакистанските талибанци, бидејќи тие групи претходно ги напаѓаа шиитите, кои се малцинство во Пакистан.