TheNorthmacedoniaTime

Од јули, за 30 евра ќе се лета од Скопје за Палермо, а за 40 до Алгeро

2026-02-17 - 10:29

Со авиокомпанијата „Виз Ер“, од 15 јули годинава ќе може да се патува од Меѓународниот аеродром во Скопје до најголемите острови во Италија – Сицилија (Палермо) и Сардинија (Алгеро). До Палермо ќе може да се лета три пати неделно – секој понеделник, среда и петок, по цена од 29,9 евра во еден правец. Од 18 јули започнува рутата Скопје – Алгеро, која ќе се реализира два пати неделно, секој вторник и сабота, по цена цени од 39,9 евра во еден правец. „Со новите две рути „Виз ер“ ја потврдува својата долгорочна посветеност на пазарот и дополнително го проширува своето присуство во земјата. Летовите до двете нови дестинации се планирани како сезонски линии, односно ќе се реализираат до 11 и 12 септември. Спакувајте ги куферите и подгответе се за нови прекрасни патувања, скопскиот аеродром е тука за да го издигне вашето патничко искуство на повисоко ниво“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија. Како што информираат оттаму, со актуелниот зимски ред на летање, на Меѓународниот аеродром Скопје вкупно 15 авиокомпании оперираат летови до 50 дестинации, а на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, три авиокомпании реализираат летови до осум дестинации. Со почетокот на летниот ред на летање, кон крајот на март, скопскиот аеродром ќе ја прошири својата мрежа на линии со уште две нови релации – кон Будимпешта и Неапол, а охридскиот аеродром ќе добие нова линија до Милано. Во мај, „Аустријан ерлајнс“ ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни, „Виз ер“ ќе воведе уште две нови линии од Охрид до Катовице и Вроцлав.

Share this post: