Драмски со „Куршуми над Бродвеј“ и „Болва в уво“ ќе учествува на фестивалот „5РЕ“ на 31 март и втори април
2026-03-30 - 12:04
Со хит-претставите „Куршуми над Бродвеј“ на 31 март и „Болва в уво“ на 2 април, Драмскиот театар ќе учествува на петтиот Театарски фестивал „5РЕ“ во Велес. Театарскиот фестивал се одржува од 27 март до 8 април 2026 година, во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, под покровителство на Општина Велес и Министерството за култура и туризам, а во организација на 3Г Плус Публика. Претставата „Куршуми над Бродвеј“ што ќе се игра утре со почеток во 20 часот е работена по текст на Вуди Ален и Даглас Мекграт. Режијата и драматизацијата се на Ненад Витанов, сценографијата на Валентин Светозарев. Костимите се изработени по креација на костимографката Елена Вангеловска. Сценските движења на актерите ги подготви Маја Каревски. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер е Жаклина Цветковска. Улогите на ликовите во претставата „Куршуми над Бродвеј“ ги играат актерите на ансамблот на Драмскиот театар: Игор Стојчевски, Јована Спасиќ, Сашо Тасевски, Јелена Жугиќ, Александра Павлова-Бубања, Роберт Вељановски, Александар Степанулески, Предраг Павловски, Калина Наумовска, Златко Митрески, Дениз Абдула, Ања Митиќ, Игор Георгиев и како гости Мартин Мазнев и Енис Билаловиќ. Во четврток на 2 април ќе се игра претставата „Болва в уво“ на режисерот Синиша Евтимов која беше премиерно изведена на 17 декември минатата година. Во уметничкиот дел од тимот на претставата работеа: Мартин Манев, сценограф и Раде Василев, костимограф. Инспициент е Жарко Намичев, а суфлер е Милка Анчевска. Улогите во претставата ги играат: Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Владимир Петровиќ, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Ивана Павлаковиќ и како гостин игра актерот Петар Стојковиќ. „Куршуми над Бродвеј“ од премиерата на 18 октомври 2025 година има 11 изведби и гостување во Белград на фестивалот РУТА во декември, а „Болва в уво“ досега била изведена десет пати и учеството на фестивалот во Велес ќе биде прво гостување надвор од матичната сцена на Драмскиот театар. На театарскиот фестивал „5РЕ“ и оваа година освен театри од Македонија, ќе учествуваат и Црногорското народно позориште од Подгорица (Црна Гора) и на театарот „Бора Станковиќ“ од Врање (Србија). Во чест на доајенот на македонската театарска уметност чие име го носи фестивалот е востановена наградата за животно дело „Петре Прличко“ која годинава му припадна на Атила Клинче, актер во пензија од НУ Турски театар, Скопје.