Народен театар Битола со 50 отсто попуст на влезниците на 27 март
2026-03-18 - 09:14
Светскиот Ден на театарот на 27- ми март, Битолски театар ќе го одбележи со изведба на претставата „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ во режија на Деан Дамјановски и тоа со влезници со 50 отсто попуст – само 100 денари! „Светот на „Сомнително лице“ на Нушиќ, прочитан денес, претставува еден дистопичен свет во кој шпионирањето и недовербата, како и лицемерието, корупцијата и стравот се нешто сосема нормално. Тоа е свет во кој гротеската станува реализам, а фарсата повторно станува историја. Самиот Нушиќ, во оригиналниот ракопис за „Сомнително лице“, во поднаслов има напишано „гоголијада во два чина“. Нашата претстава може да ја наречеме „современа нушиќијада“, или, искривено огледало во кое светот и луѓето во него се претставени токму онакви какви што се“, истакнува режисерот. Главната улога во претставата ја толкува актерот Марјан Георгиевски, а заедно со него на сцената на битолскиот театар ќе настапат и Валентина Грамосли, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Филип Мирчевски, Петар Спировски, Борче Ѓаковски, Никола Стефанов, Александар Копања, Александар Стефановски, Васко Мавровски и Сандра Грибовска.