Црвена полумесечина: Најмалку 555 мртви во Иран по израелско-американските напади
2026-03-02 - 10:57
Иранската Црвена полумесечина соопшти дека најмалку 555 лица се убиени како резултат на заедничките израелско-американски напади, објави денеска агенцијата Фарс. Хуманитарната организација соопшти дека повеќе од 100.000 спасувачи се распоредени низ целата земја и дека над 130 региони се погодени од војната. Израел и САД наведоа дека од саботата погодиле стотици цели низ Иран, вклучувајќи места за лансирање ракети, објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран, воени штабови и високи членови на политичкото раководство. Главниот град, Техеран, вчера повторно беше силно бомбардиран, а иранскиот врховен лидер Али Хамнеи, во саботата беше убиен во првиот бран напади. Израел и САД велат дека офанзивата има за цел да се спротивстави на заканата што ја претставуваат ракетните капацитети и нуклеарните програми на Иран, како и да им се овозможи на Иранците можност да ја соборат својата влада. Извор: МИА