TheNorthmacedoniaTime

Децата во Македонија на возраст од 6 до 9 години јадат најмалку зеленчук и овошје во Европа, а 31,2 отсто имаат вишок килограми

2026-03-04 - 09:17

Децата во Македонија на возраст од 6 до 9 години јадат најмалку овошје и зеленчук во Европа за разлика од своите врсници. Вкупно 31,2 отсто од децата во Македонија имаат зголемена телесна тежина, а 13,7 отсто од нив живеат со дебелина, што е над просекот на европскиот регион, 25 проценти и 11 проценти соодветно, објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на одбележувањето на Светскиот ден на дебелината, 4 март. ИЈЗ ги објави наодите од студијата на Европска иницијатива за следење на дебелината кај децата (COSI) кои покажуваат покажуваат сериозни предизвици поврзани со исхраната и телесната тежина кај децата од 6 до 9 – годишна возраст во Македонија. Бројките за Македонија се поразителни и зголемени во однос на минатата година, кога ИЈЗ објави дека 30,4 отсто од децата на возраст од 6 до 9 години во Македонија живеат со вишок на килограми. Од нив, 13,8 проценти живеат со дебелина, а 4,4 отсто со екстремна дебелина. фото: Иконографик на Институтот за јавно здравје Зголемената телесна тежина и дебелината е почеста кај момчињата во споредба со девојчињата. Децата со зголемена телесна тежина и дебелина живеат во семејства чиишто родители имаат низок или среден степен на формално образование. Децата кои практикуваат навики коишто поддржуваат здравје живееле со родители коишто имале повисок степен на образование, покажале наодите од студијата. Постои ниска свесност кај родителите за препознавање на зголемената телесна тежина и дебелината кај нивните деца. За повеќе од половина од децата коишто живеат со зголемена телесна тежина и/или дебелина, родителите перципирале дека телесната тежина на нивните деца е во препорачани граници на „нормална телесна тежина“ Податоците покажуваат дека само 25 отсто од децата секојдневно јадат свежо овошје – ова е најниската дневна консумација на овошје во целиот европски регион. Само 20 отсто консумираат свеж зеленчук секој ден – што, исто така, е меѓу најниските нивоа во Европа. Солени грицки консумираат 40 проценти од децата – најмногу во однос на државите вклучени во COSI студијата во Европскиот регион. Повеќе од половина (51%) од децата редовно консумираат слатки грицки три или повеќе дена во неделата. Истражувањето покажало дека 40 отсто од децата поминуваат повеќе од два часа дневно пред екрани (телевизија или електронски уреди). 63,3 проценти од децата пешачат или возат велосипед до училиште; кај оние што живеат на растојание до 2 km, оваа навика ја практикуваат дури 89 проценти. 94 отсто од децата секојдневно имаат најмалку еден час активна игра со умерен до силен интензитет. 48,2 отсто активно спортуваат или танцуваат повеќе од два часа неделно. Големо мнозинство, 88,6 проценти, спијат најмалку 9 часа навечер. Овие резултати ја нагласуваат итната потреба од системски интервенции во училишната и семејната средина на децата, со цел да се промовира нивен здрав раст и развој. Интервенции се потребни и во други области. Реформулацијата на храната, информациите поврзани со храната, рекламирањето, урбаната околина и можноста за практикување безбедно движење и физичка активност се само дел од нив, велат од ИЈЗ.

Share this post: