Заврши евакуацијата на над 600 граѓани од Блискиот Исток, вчера во Скопје слета петтиот чартер со 147 патници
2026-03-18 - 10:13
Нови 119 македонски граѓани се вратија вчера во земјава од земјите на Блискиот Исток, во чартер лет што го организираше Владата. Како што информираат денеска од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со последниот, петти лет, целосно е завршена евакуацијата на сите македонски државјани кои се пријавиле дека сакаат да се вратат во земјата од кризното подрачје. Со последниот лет што вчера слета на Меѓународниот аеродром во Скопје, евакуирани се вкупно 147 патници, во кој покрај 119 македонски државјани имаше и 28 странски државјани. „Вкупниот број на евакуирани македонски државјани достигна 605, со што е завршен процесот на враќање на сите граѓани кои побарале евакуација. Државата покажа навремена реакција во кризни услови, обезбедувајќи заштита на своите граѓани, но и солидарност кон странски државјани од регионот и пошироко. Безбедноста на граѓаните останува највисок приоритет, а СОС телефонската линија и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва и натаму се активни и достапни“, информираа од МНР. Претходно, беа организирани летови од Ријад, Саудиска Арабија и Дубаи, како и од Шарм ел-Шеик во Египет за извлекување на шест македонци од Израел.