TheNorthmacedoniaTime

Во Кочани 63 столчиња останаа празни, одбележана годишнината од катастрофалниот пожар што однесе 63 животи

2026-03-16 - 13:56

Денеска во Кочани се одбележа првата годишнина од трагичниот пожар во доскотеката Пулс, во кој загинаа 63 млади луѓе, а стотици беа повредени. Во Паркот на револуцијата беа поставени 63 бели столчиња, кои останаа празни, како потсетник за прерано изгубените животи и прекинати соништа. На секое од столчињата беа напишани имиња на загинатите и беше оставена по една бела роза. На одбележувањето, покрај семејствата, блиските на загинатите и повредените, присуствуваше и политичкиот врв, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, пратеници, претставници на локалните власти и граѓани. Фото: Фејсбук на Христијан Мицкоски Премиерот Христијан Мицкоски се потпиша во книгата на жалост и присутвуваше на комеморативниот настан „Ден на сеќавање -16 март 2025“ во Центарот за култура „Бели мугри“. „Денес во Кочани оддаваме тивка, но длабока почит кон невините животи што прерано згаснаа. Една година подоцна, болката и празнината се уште се чувствуваат во секое срце, но заедно со нив живее и сеќавањето на недовршените соништа. Нека споменот за нив остане вечен, а нашата заедничка човечност и единство нека бидат сила што ќе не води напред, напиша Мицкоски. Одбележување на еден од најтрагичните настани во поновата македонска историја се организираше и во другите градови низа земјата. Во Струмица, ученици засадија јавор во Градскиот парк, во чест на 63 загинати во пожарот во „Пулс“, а дрво ќе биде засадено и во Музичкото училиште во Струмица, каде што работеше музичарот Ѓорѓи Ѓоргиев, кој беше дел од бендот ДНК и загина во пожарот. Во Тетово, волонтери на Црвениот крст им одадоа почит на загинатите со пуштање на 63 бели балони на градскиот Плоштад.

Share this post: