TheNorthmacedoniaTime

АНАЛИЗА: Вработени во јавниот сектор – 72,5% Македонци, 21,4% Албанци, останатите под 2%

2026-02-17 - 12:18

Од вкупниот број вработени во јавниот сектор кои се опфатени во најновиот Регистар, 72,59 отсто се етнички Македонци, 21,39 отсто етнички Албанци, 2,07 отсто се Турци, а останатите заедници се застапени со помалку од 2 отсто, пишува Порталб. Во Регистарот на вработени во jавниот сектор се нотира и укинувањето на „Балансерот“ од страна на Уставниот суд Во Јавниот сектор во 2024 работеле 127.322 лица, а со извештајот се опфатени 108.670 вработени. Инфографик: Фисник Џелили/ Порталб.мк „Почнувајќи од 2015 година, секоја институција во јавниот сектор изготвува годишен план за вработување и согласно истиот спроведува постапки за вработување. Распределбата на планираните нови вработувања, согласно соодветната и правична застапеност, се врши електронски преку веб-алатката достапна на веб-локацијата http://balancer.mioa.gov.mk/. Користењето на гореспомената алатка е укинато со одлуката на Уставен суд на Република Северна Македонија У.Бр 90/2024 од 09.10.2024 година“ – се наведува во најновиот Регистар за јавниот сектор (за 2024 година). Што покажуваат податоците за етничката структура на вработените? Анализата на вработените според видови на институции покажува дека етничките Албанци се најмалку застапни во институциите: Претседател со 11,86 отсто, Служба во Владата со 12,14 отсто и во Влада со застапеност од 15,01 отсто. На ниво на сите општини застапеноста на етничките Албанци изнесува 20,51 отсто, во министерствата е 25,47 отсто, а највисока застапеност со удел 60 отсто има во Самостојните стручни органи. Во институциите од правосудството, во Јавното обвинителство 80,56 отсто се Македонци додека 15,93 отсто се Албанци, во Уставниот суд соодносот на застапеност е 74.58 отсто Македонци, 15,25 отсто Албанци, додека во Судовите застапеноста на етничките Албанци е 17.03 отсто, а на етничките Македонци е 78.68 отсто. Инфографик: Фисник Џелили/ Порталб.мк Најновите податоци од Регистарот на вработени во јавниот сектор покажуваат различна распределба и концентрација на вработените по етнички клуч на ниво на министерства. Највисок процент на застапеност од 54,10 отсто на етничките Албанци има во Министерството за односи меѓу заедниците, во кое пак 34,02 отсто се Македонци, 3,28 отсто се Турци, по 2,87 отсто од вработените се Роми и Срби додека 1,23 отсто се Бошњаци, а 0,41 отсто се Власи. Над 30 отсто застапеност на граѓаните од албанската заедница има во Министерството за економија 42,37 отсто, Министерството за здравство 37.39 отсто, Министерството за образование 34.58 отсто, Министерство за правда 37.99 отсто, во Министерство за јавна администрација застапеноста изнесува 33.33 отсто, во Министерство за локална самоуправа 35.29 отсто, во Министерство за животна средина 37.69 отсто и во Министерство за европски прашања 31.00 отсто. Од друга страна најниски проценти на застапеност на етничките Албанци има во Министерство за спорт 12.50 отсто, Министерство за одбрана 13.74 отсто, Министерство за дигитална трансформација 16.34 отсто, Министерство за земјоделство 19.45 отсто и во Министерство за транспорт каде од вкупниот број на вработени, 19.47 отсто се етнички Албанци. Новите податоци покажуваат дека најголем број на вработени од Турската заедница има во Министерството за економија, во Министерството за јавна администрација и во Министерството за европски прашања. Најголема процентуална застапеност пак на Ромите, над 2 отсто, има во неколку ресори, како Министерството за европски прашања, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за правда, Министерството за социјална политика, а највисок удел од 6,25 отсто застапеност на Ромите има во Министерството за спорт. Во следното тематско продолжение ќе биде прикажан прегледот на вработените во државните институции и агенции според етничка припадност и образование.

Share this post: