TheNorthmacedoniaTime

Македонија за една декада ја намалила смртноста на новороденчињата за 87 отсто

2026-03-19 - 11:02

Македонија напредувала во намалувањето на смртноста кај новороденчињата и децата до петгодишна возраст во текот на изминатата деценија, што ја позиционира меѓу најдобрите во светот во остварувањето на Целта за одржлив развој. Денеска, Светската здравствена организација (СЗО), Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) го поздравија напредокот на земјата и посочија дека промената доаѓа во време кога глобалните достигнувања се значително забавени, а секоја година има милиони смртни случаи на деца што можеле да се спречат. „Од 2015 година, Македонија постигна најголемо подобрување кај преживувањето на децата во светот, намалувајќи ја неонаталната смртност за 87 проценти и смртноста кај децата под пет години за 75 проценти. Овие резултати се одраз на трансформацијата на грижата за мајките и новороденчињата, то се случи по скокот на смртни случаи кај новороденчињата во 2015 година, Министерството за здравство – поддржано од СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА – брзо ги зајакна услугите за итна акушерска и неонатална грижа, ги ажурираше клиничките протоколи, ги подобри практиките за неонатална реанимација и превенција на инфекции, ги унапреди системите за упатување и ја зајакна стручната грижа при породување“, посочуваат од организациите. Одржувањето на постигнатиот напредок ќе бара постојан фокус врз квалитетот, правичноста и отпорноста на системот – обезбедување високи стандарди на грижа во сите установи, зајакнување на континуитетот на грижата од бременоста до раното детство, намалување на нееднаквоста за ранливите групи, поддршка на квалификувана здравствена работна сила, и користење податоци и ревизии за да се поттикне континуирано подобрување. Заштитата на семејствата од финансиски бариери и обезбедувањето универзален пристап до основни здравствени услуги за мајките и децата ќе останат од суштинска важност.

Share this post: