Сони ги зголемува цените на сите PlayStation 5 конзоли за 100 евра низ целиот свет
2026-03-27 - 14:13
Сони глобално ги зголемува цените на конзолите PlayStation 5 почнувајќи од 2 април. Во соопштение објавено во петокот, компанијата наведува дека стандардниот PS5 сега ќе чини 649,99 долари, наместо досегашните 549,99 долари. Во меѓувреме, PS5 Digital Edition сега ќе чини 599,99 долари наместо 499,99 долари, а PlayStation 5 Pro ќе чини 899,99 долари наместо 749,99 долари. Покрај овие измени, Сони ја зголемува и цената на PlayStation Portal, која од 199,99 долари ќе порасне на 249,99 долари. Ова е вторпат за помалку од една година Сони да ги зголеми цените на своите PS5 конзоли, откако компанијата минатиот август ги поскапе сите три модели за 50 долари. Како причина за новото зголемување на цените, Сони ги наведува „континуираните притисоци во глобалниот економски пејзаж“. „Знаеме дека промените на цените влијаат врз нашата заедница и по внимателна проценка утврдивме дека ова е неопходен чекор за да можеме да продолжиме да испорачуваме иновативни и висококвалитетни гејминг-искуства за играчите ширум светот“, соопшти Сони. Сони не е единствениот производител на конзоли што ги зголеми цените во последните месеци. Минатата година, Мајкрософт ги покачи цените на своите конзоли Xbox Series X / S, Xbox контролерите и на некои нови игри. Нинтендо, исто така, ја зголеми цената на оригиналниот Switch од 299 на 339 долари, откако претседателот Доналд Трамп воведе нови царини. Следниот месец, и Nex Playground, уред сличен на Kinect, ќе поскапи за 50 долари. Порастот на цената на RAM меморијата може да влијае и врз идните конзоли, при што неодамнешен извештај на Bloomberg наведува дека Сони размислува да го одложи излегувањето на следната генерација на PlayStation за 2028 или 2029 година.