TheNorthmacedoniaTime

Платата не стасува од први до први, вечерва протест пред ССМ

2026-01-28 - 11:13

Дваесет и осми јануари е денот кога зборуваат работниците. Овој протест е за вашите плати кои не ви стасуваат од први до први во месецот, најави Слободан Трендафилов, претседателот на Сојузот на синдикатите (ССМ), во пресрет на протестот кој денеска ќе се одржи во 17 часот пред Работнички дом (зградата на ССМ). Протестот ќе започне пред ССМ, па ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и крајната точка е Владата. „Овој протест е против неправдата, затоа што тие земаат 10 пати поголема плата од вашата. Овој протест е поради тоа што тие за себе обезбедуваат 250 евра зголемување на нивните плати, а за вас ниту 25 евра. Овој протест е за вашите деца, за вашите ќерки, за вашите синови. Овој протест е и за вашите внуки, за вашите внуци, за да ги зачуваме нашите семејства во Македонија и да не ни заминуваат во странство. Овој протест е против игнорантскиот однос на Владата и на работодавачите кои не се договорија да ги зголемат вашите работнички плати онака како што заслужувате и како што барате. Овој протест е за зголемување на сите плати на работниците за најмалку 6.000 денари, преку зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра“, рече претседателот Трендафилов. Тој кажа дека самобендисаноста на одредени луѓе значи држење во сиромаштија, затоа што 200.000 работници живеат со плата под 30.000 денари. „Замислете десет проценти од нив да излезат на улица денес, колку брзо ќе можат да се менуваат работите и колку брзо ќе растат платите. Ве охрабрувам да не се плашите на никој и да излезете рамо до рамо со синдикалците, со работниците и да им дадете поддршка и ако имате повисока плата, затоа што се бориме и за вашата плата и таа да се зголеми за најмалку 6.000 денари“, рече Трендафилов. И Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги поддржува актуелните барања на дел од поголемите синдикатите и ќе се вклучи на протестот закажан за 28 јануари. „Оваа одлука беше донесена на состанок на Извршниот одбор со која истовремено ССНМ ги повикува своите членови да дадат полна поддршка на барањата за зголемување на минималната, но и сите плати на работниците во земјава. ССНМ смета дека приклучување на протестот на кој повикува Сојузот на синдикати и е закажан за среда од 17 часот е достоинствено демонстрирање на потребите на работниците“, се наведува во соопштението од синдикатот. Според нив, аргументите за оваа одлука се повеќе од видливи, посебно во медиумската индустрија која во последните години доживува континуиран пад на висината на приходите на ангажираните медиумски работници, како и на условите за работа што, во продолжение се рефлектира и врз целокупните општествени процеси во Македонија. „Според анкетата на ССНМ и Институтот РЕСИС објавена во 2024 година, повеќе од половина од членовите на медиумската заедница заработуваат помалку од просечната месечна плата во земјава, а последните податоци говорат и дека голема е бројката (безмалку една третина) на новинари, камермани, креативни дизајнери, монтажери и останати кои од работодавачите се „држат“ на минималната плата. Со оглед на тоа дека голем дел од вработените во медиумскиот сектор се директно поврзани со оваа категорија, ССНМ бара итно зголемување на минималната плата“, се додава во соопштението.

Share this post: