О’Саливан: Санкциите од ЕУ имаат значително влијание врз руската економија
2026-02-05 - 09:39
Западните санкции имаат „значително влијание“ врз руската економија, изјави специјалниот претставник за санкции на ЕУ Дејвид О’Саливан, во пресрет на четвртата годишнина од целосната руска инвазија врз Украина. Во интервју за „Гардијан“, О’Саливан оцени дека санкциите „не се сребрен куршум“ и дека секогаш ќе има обиди за нивно заобиколување, но нагласи дека по четири години е уверен дека тие имаат ефект. „Прилично сум оптимистичен. Мислам дека санкциите навистина имаат значително влијание врз руската економија“, рече тој. Изјавата доаѓа во период на засилени руски напади врз украинската енергетска инфраструктура, додека земјата се соочува со екстремно ниски температури. Украински извори, според О’Саливан, тврдат дека Русија минатиот месец лансирала двојно повеќе дронови и ракети во споредба со јануари 2025 година. Сепак, според него, војната носи висока цена за руската економија. Од почетокот на инвазијата во 2022 година, Европската Унија воведе 19 пакети санкции против Русија, насочени кон повеќе од 2.700 лица и компании, како и кон клучни економски сектори. О’Саливан посочи дека ЕУ постигнала одреден успех во спречување на реекспортот на критични производи за оружје преку земји од Централна Азија, Турција, Србија, Обединетите Арапски Емирати и делумно Малезија. Според него, најголемиот дел од заобиколувањето на санкциите е резултат на приватни економски интереси, а не на координирани владини политики. Како исклучок ја наведе Кина, за која рече дека „очигледно обезбедува поддршка“ за Русија, иако не преку директна испорака на воена опрема. Загриженоста околу ова прашање била покрената од неколку европски лидери во разговори со Пекинг, но одговорот, според него, секогаш бил дека „нема проблем“. ЕУ презела мерки и против т.н. „сенчеста флота“ односно стари танкери со нејасна сопственост што транспортираат руска нафта. До декември, речиси 600 бродови биле ставени под санкции. „Успеавме значително да го отежнеме овој начин на заобиколување. Русите се борат да го одржат извозот на нафта“, изјави О’Саливан. Во меѓувреме, САД ја критикуваа ЕУ дека не е доволно строга, поради трговски договор со Индија без дополнителни ограничувања за купување руска нафта. Индија од почетокот на војната е меѓу најголемите купувачи на руска сурова нафта по намалени цени. О’Саливан го бранеше договорот, посочувајќи дека ЕУ претходно вовела санкции против голема индиска рафинерија и забранила увоз на рафинирани производи направени од руска нафта.