Пожар во индустриски комплекс во Чешка под истрага за можен тероризам
2026-03-21 - 09:34
Чешките власти водат истрага за пожарот што избувна во текот на ноќта во индустрискиот комплекс во Пардубице, како можен намерен напад, откако медиуми објавија дека група која протестира против израелско оружје презела одговорност за инцидентот, јавува Ројтерс. Пожарникарите соопштиле дека интервенирале во магацинска хала во комплексот во Пардубице, кој се наоѓа на околу 120 километри источно од Прага. Пожарот се проширил и на друга зграда, но нема повредени лица. Чешкиот портал Aktualne.cz објави дека групата тврдела дека го запалила „клучниот производствен центар“ за израелско оружје во Пардубице со цел да се стави крај на неговата улога во „геноцидот во Газа“. Чешката одбранбена компанија ЛПП Холдинг, која има објект во комплексот, потврди дека пожар избувнал во еден од нејзините капацитети, но соопшти дека плановите најавени во 2023 година за соработка со израелската компанија „Елбит системс“ за производство на дронови никогаш не биле реализирани. „Ниту еден Израелски дрон не бил произведен во нашите објекти“, соопшти ЛПП. По пожарот, полицијата првично информираше дека истражува дали станува збор за намерен инцидент и дека ги проверува јавните тврдења за „конкретна група“, без да ја именува. Подоцна, властите соопштија дека истражителите, во координација со безбедносните служби, го разгледуваат случајот според одредби од Кривичниот законик кои се однесуваат на тероризам. „Врз основа на она што го знаеме до сега, најверојатно инцидентот е поврзан со терористички напад“, изјави министерот за внатрешни работи на Република Чешка, Лубомир Метнар. Чешкиот премиер Андреј Бабиш најави дека ќе свика седница на Советот за национална безбедност поради инцидентот. Извор: Ројтерс