TheNorthmacedoniaTime

Вагата на правдата во центарот на Скопје: Каде завршува слободата на говор, а каде почнува говорот на омраза?

2026-02-02 - 13:18

На просторот кај „Ким“, на булеварот „Партизански одреди“, денеска минувачите имаат можност погледнат нова урбана уметничка инсталација, насловена како „Измери пред да кажеш или напишеш“. Уметничката инсталација се однесува на сè поприсутниот проблем на говорот на омраза и неговото мешање со поимот „слобода на говор“. Инсталацијата се состои од голема вага, инспирирана од вагата на Јустиција, поставена во состојба на рамнотежа. На едниот тас стои натписот „Слобода на говорот“, а на другиот „Говор на омраза“, испишани на македонски и на албански јазик. Балансот помеѓу двата таса ја симболизира тенката линија и потребата од постојано одмерување помеѓу правото на слободно изразување и одговорноста за зборовите што ги користиме. Преку оваа визуелно упадлива и едноставна форма, акцијата има за цел да ги поттикне граѓаните да размислат пред да кажат или напишат нешто и да не ја користат слободата на говор како оправдување за ширење омраза. Фото: Иновативни медиуми Оваа акција произлегува од потребата да се укаже на опасната пракса, во која слободата на говор се сфаќа како неограничена и често се злоупотребува за ширење навредливи, дискриминаторски и пораки полни омраза, иако понекогаш и ненамерно. Говорот на омраза многумина го поистоветуваат со слободата на говор, што создава сериозни општествени последици. Инсталацијата е со димензии 2 × 2 метри и е изработена од дрво и метални елементи. Оваа акција е подготвена од Центарот за современи уметности – Скопје во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје”.

Share this post: