Владата и ССМ без договор, минималната плата останува иста
2026-02-02 - 12:30
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) информираат, дека утрово во 9 часот во просториите на ССМ, владиниот претставник не дошол за да ја потпише Спогодбата за утврдување на висината на минималната плата, со која минималната плата требаше да се зголеми на 600 евра, а сите останати плати за 6000 денари. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, остана да чека сам во просторијата, а преку објава на социјалните мрежи оцени дека Владата не го става зголемувањето на платите меѓу своите приоритети. „Денеска, паднаа маските, се разобличија лагите кои претставникот на Владата ги изјавуваше изминатите денови за да створат сомнеж кај работниците, денеска не дојде како што го поканивме, денеска тие имаа други приоритети, а се потврди дека не им е приоритет зголемувањето на работничките плати ниту зголемување на минималната плата, ниту зголемување на останатите плати“, напиша Трендафилов. Од ССМ истакнаа дека после големиот работнички протест на 28 јануари, претставник на Владата го прифатил предлогот на Синдикатот на УПОЗ за зголемување на платите во управата и правосудството, но, како што велат тие, требало без одлагање да се потпише и колективниот договор. Синдикатот предупреди и за најавите за укинување на одредбите од Општиот колективен договор во делот за пресметка на плата, или како што велат тие, тоа би значело намалување на платите за 21.8 отсто за 130 000 работници во јавниот сектор, напоменувајќи дека вработените ќе останат без јубилејни награди, без К-15 и без други додатоци за плата. Од Сојузот на синдикати порачаа дека се отвора дилемата дали актуелната Влада не само што одбива да ги зголеми платите на работниците, туку со своите политики дополнително им ги одзема и постојните права и примања. „Го поставуваме прашањето дали оваа Влада не само што не сака да им даде зголемување на платите на работниците, туку сака да им земе се на работниците !?“, стои во објавата на Фејзбук. Сојузот на синдикати на Македонија две години ја поставува темата за зголемување на минималната плата и за подобрување на работничките примања, а од неодамна синдикалците ги изнесоа своите барања на улица, вклучително и барањето за минимална плата од 600 евра и пораст на сите плати за најмалку 6.000 денари, што резултираше со масовен простест и најави за блокади и генерален штрајк доколку не се постигне договор.