Втора годишна научна конференција на Универзитетската клиника за дерматологија
2026-03-27 - 08:14
Универзитетската клиника за дерматологија денеска и утре во Скопје ќе ја организира Втората годишна научна конференција на која во пет пленарни сесии ќе учествуваат 20 домашни и осум странски предавачи од Бугарија, Србија, Хрватска и од Турција. Како што соопшти Клиниката, конференцијата ќе ги обедини дерматолозите и лекарите од другите специјалности околу три важни теми: дерматоонкологија, детска и адолесцентна дерматологија и третман на лузни од изгореници. Учесниците ќе дискутираат за превенција и рано откривање карциноми на кожа со курс по дермоскопија, во соработка со International Dermoscopy Society (IDS). Над 60 слушатели на курсот ќе ги проследат предавањата на наши и домашни експерти од оваа област. За детска и адолесцентна дерматологија ќе има две сесии, на кои ќе учествуваат педијатри и дерматолози од Македонија, Бугарија и Србија, со акцент на ретките болести. Во поддршка на овие сесии, гостин на конференцијата ќе биде и здружението на пациенти „Живот со предизвици“. Две сесии ќе има и за темата третман на лузни од изгореници со учество на специјалисти по пластична и реконструктивна хирургија, психијатрија и дерматологија од Македонија. Учествуваат специјалисти кои беа и сè уште се активно вклучени во лекувањето на лузните од изгореници кај пациентите од пожарот во Кочани. Ќе се презентираат досегашните применувани третмани, нивните ефекти, како и стратегиите за понатамошно подобрување на лузните, се наведува во соопштението. Настанот е акредитиран од Лекарската комора на Македонија и Македонското лекарско друштво.