Изложбата за балканскиот рис може да се посети во „Лабораториум“
2026-03-10 - 11:07
Патувачката изложба за балканскиот рис може да се посети во просториите на едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје до 5 април. Наменета е буквално за сите возрасти, а влезот е бесплатен. Патувачката изложба за балканскиот рис по седум посетени места низ Македонија првпат е пред скопската публика. Изложбата ја организира Македонското еколошко друштво (МЕД) во рамките на регионалната Програма за закрепнување на балканскиот рис (Balkan Lynx Recovery Programme) со желба да ја доближи убавината и реткоста на балканскиот рис, но и да се прикаже и долови теренската работа на друштвото. Досега, благодарение на оваа Програма, МЕД успеа да ја процени популацијата на балканскиот рис на македонска територија, преку ГПС-следење да ги збогати сознанијата за неговиот природен опсег, движењето и исхраната, како и да изгради доверба и партнерства со властите, ловџиите, шумарите и ловочуварите чија улога е подеднакво важна за заштитата на рисот. Избраните дваесетина фотографии се презентирани на изложбата се дел од најефектните „уловени“ кадри, од кои повеќето се направени со фотозамки – метод што друштвото го користи веќе 18 години. Преку нив може да се види како изгледа „домот“ на балканскиот рис, до каде се протега, зошто е загрозен, како и која е прва фотка од рисот направена од МЕД. Влезот е слободен.