Мицотакис: Европа треба да биде подготвена да се справи со кризата со приоритет заштита на европските потрошувачи
2026-03-19 - 12:53
На економските и енергетските последици од кризата, на пораката дека актуелната ситуација не смее да ја доведе Европа до нова бегалска криза, но и на потребата од реално активирање на клаузулата за заемна помош на ЕУ, се осврна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис при пристигнувањето на Европскиот совет во Брисел за кој рече дека се одржува во исклучително критична геополитички околности и порача дека Европа треба да биде подготвена да се справи со кризата, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис посочи три забелешки, првата дека „оваа криза ја истакна потребата од вистинска активација на клаузулата за заемна помош на Европската унија (член 42, став 7)“, потсетувајќи дека Грција беше прва европска земја што ѝ помогна на Република Кипар по нападот, а потоа следеа и други европски држави. Ова прашање отворено ќе го покренам на Европскиот совет и ќе побарам јасен патоказ за тоа како можеме оваа, суштински неформална активација на членот 42,7, да ја претвориме во институционално цврста опција што ќе ја имаат европските земји во случај повторно да бидат нападнати – рече Мицотакис. Втората тема на која се осврна се економските и енергетските последици од кризата и посочи дека нападот врз нафтените капацитети во Заливот „може да доведе до нивоа на цените на енергијата што би имале драматични последици врз светската економија“. Како Европа треба да бидеме подготвени да се справиме со оваа криза, имајќи ја како приоритет заштита на европските потрошувачи, особено најранливите наши сограѓани, но и европските компании, за да не се наруши дополнително нивната конкурентност. Одговорот на ова ниво треба да биде и национален и европски. Грција, во рамките на своите фискални можности, ќе направи сè што е во нејзини раце за да ги поддржи грчките граѓани и грчката економија. Но, ќе бидат потребни и европски одговори, доколку кризата се продолжи и доведе до продолжени високи цени на природниот гас и горивата, нешто што ќе биде предмет на денешната дискусија – истакна Мицотакис. Паралелно, како трета тема, го спомена и мигрантското/ бегалското прашање, порачувајќи дека оваа криза „не смее да ја доведе Европа во справување со нова бегалска криза“. Пораката треба да биде јасна: Европа не може повторно да толерира повторување на кризата од 2015 година. Не сме во таа фаза, но треба да бидеме подготвени за сите можни сценарија. Затоа, верувам дека е императив да се испрати јасна порака од овој Европски совет дека Европа ќе ги заштити своите надворешни граници и нема да ги повтори грешките од минатото – нагласи Мицотакис.