TheNorthmacedoniaTime

Се интензивираат активностите за реформи во изборното законодавство

2026-03-23 - 14:24

На втората седница на работната група за реформи во изборното законодавство беа усвоени записникот од конститутивната седница и Деловникот за работа, со што се постави основата за понатамошната работа. Воедно, започна детална анализа на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, кои ќе претставуваат клучен темел за идните измени на Изборниот законик, информираат во Министерството за правда. „Во текот на 2025 година, Министерството за правда подготви работна верзија на Изборниот законик, која ја ставивме на располагање на сите членови на работната група. Очекуваме во наредните две недели членовите да ги разгледаат препораките во соработка со политичките партии, по што ќе продолжиме со усогласување на ставовите“, информираат оттаму. Оттаму додаваат дека продолжуваат со интензивни консултации со релевантните институции. „Веќе е остварена средба со претставници на Државната изборна комисија, каде се разговараше за унапредување на законската рамка, како и за зајакнување на транспарентноста и ефикасноста на изборниот процес. Се очекуваат и нивни конкретни предлози. Во наредниот период ќе следуваат состаноци и со Државната комисија за спречување на корупцијата, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државниот завод за ревизија, како и со претставници на граѓанскиот сектор. Реформите во изборното законодавство бараат политички дијалог и широк консензус. Само преку заеднички пристап можеме да изградиме стабилен, кредибилен и фер изборен систем. Следната седница на работната група за реформи во изборното законодавство ќе се одржи на 8 април“, информираат оттаму.

Share this post: