TheNorthmacedoniaTime

Контраспин: Логиката на Касами за решавање на водоснабдувањето во Тетово „не држи вода“

2026-03-28 - 09:35

Касами мисли дека од политички аспект гледано подобро би било ако неплаќачите на сметките за вода ги дава на извршител приватна компанија отколку јавното претпријатие. Ова е спин затоа што граѓаните сепак некој ќе ги дава на извршител, штом наплатата е евидентен проблем, а исто така е спин, затоа што граѓаните до следните избори нема да заборават кој градоначалник и кое мнозинство во општинскиот совет ја донело одлуката за приватната компанија. Но најважно, нема гаранција дека проблемот ќе биде решен, затоа што тој е сложен и бара сеопфатни мерки, пишува Вистиномер. Пишува: Теофил Блажевски Градоначaлникот на Тетово Билал Касами даде изјава за проблемот со ефикасноста на наплатата на потрошената вода во Тетово, при што може да се идентификува спин: Спин: Општината, за жал, нема доволно капацитет да наплаќа за снабдување со вода. Ние сме и политички битија и за време на предизборната кампања никој од администрацијата нема да се нафати да ги наплаќа долговите како што треба. Граѓаните ќе нè плукаат дека ги даваме на извршители. Треба да сме свесни дека во оваа ситуација, за да го решиме побрзо проблемот, мора да внесеме приватен партнер. За овој предлог ќе треба да се донесе одлука на Советот на Општина Тетово, изјави Касами на јавната расправа. [Извор: СДК.мк;– Датум: 22.03.2026] Контраспин: Изјавата на првиот човек на Тетово и лидер на движењето БЕСА, дел од ВЛЕН и коалициски партнер во Владата на РСМ, е извртена вистина, најмалку од еден аспект: граѓаните сепак некој ќе мора да ги дава на извршител, само тој, Касами, не сака тоа да биде градската администрација, односно јавното претпријатие, а проблемот нема гаранција дека ќе биде решен. Касами изјавата ја дал на јавна расправа за многу сериозна тема – водоснабдувањето во Тетово и тетовско, причините зошто има многу проблеми и граѓаните секојдневно се соочуваат со недостиг од вода во дадени временски периоди и зони. Дебатата се водела врз основа на физибилити студија изработена од Градежниот факултет во Скопје за состојбата и мерките кои треба да се преземат за подобрување на водоснабдувањето. Според дел од медиумите што известија за оваа јавна расправа, основните факти се следни: Годишно во водоводниот систем протекуваат 10 милиони кубици вода, а сметки се издаваат за потрошени 3 милиони кубици. Од тие три милиони кубици се наплаќаат максимално 60 отсто! Освен ова проблем била и евиденцијата на корисниците, но и планот приватната компанија да инсталира дигитални водомери, со што ќе се подобрела евиденцијата и наплатата, за што политичката партија Левица веќе изразува сомневање за корупциска позадина (извор тука). Дебатата отворила многу прашања и дала можни одговори – дигитални водомери, како еден од начините за утврдување на поточна потрошувачка на водата преку електронски систем од далечина. Инаку, проблемот со водоснабдителните системи за граѓаните, наплатата и ефикасноста е генерален проблем во државата. Од најголемото јавно претпријатие ЈП „Водовод Скопје“, до помалите, а светли примери ако ги има се занемарлив процент. Но, наместо да зборува за подобрување на капацитетите на јавното претпријатие што се занимава со водоснабдување во Тетово, наместо да се идентификуваат проблемите во рамките на овластувањата на општината да именува и разрешува раководства на тоа јавно претпријатие, да презема и финансиски мерки за модернизација, градоначалникот се заложил за замена на сите тие улоги со приватна фирма, по кој модел на јавно-приватно партнерство, медиумите не известија. И што е најнелогично гледано од страна на јавноста, Касами мисли дека од политички аспект гледано, подобро би било ако неплаќачите на сметки ги дава на извршител приватна компанија отколку јавното претпријатие. Ова е спин затоа што граѓаните сепак некој ќе ги дава на извршител, штом наплатата е евидентен проблем. Исто така е спин, затоа што граѓаните до следните избори белки нема да заборават кој градоначалник и кое мнозинство во општинскиот совет ја донело одлуката за приватната компанија. И конечно е спин, затоа што евиденцијата и наплатата не се единствениот проблем со водоснабдувањето, туку и инфраструктурата. Односно, ако проблемот не се решава сеопфатно ќе остане само обидот преку форсирање на јавно-приватно партнерство проблемот да се префрла врз надворешен субјект, а не да се решава суштински.

Share this post: