Луд, збунет, загрижен: Контрадикциите на војната на САД и Израел против Иран во медиумите и на интернет
2026-03-11 - 10:08
На најгорливото прашање зошто САД и Израел го нападнаа Иран кога веќе беа во тек преговорите, е тешко да се одговори судејќи само според официјални ставови на американските лидери. Но, се чини дека корисниците на социјалните мрежи кои објавуваат статуси на македонски јазик секогаш имаат одговори, без разлика што тие најчесто содржат (дез)информации и антизападни наративи, пренесува Вистиномер. Пишуваат: Стојан Синадинов и Матеј Тројачанец Зошто САД и Израел започнаа со воени напади врз Иран, дали Иран може да возвраќа со таргетирање на цели во 10 земји во поширокиот регион каде што има американски воени инсталации, и кој ќе победи во оваа војна? На најгорливото прашање зошто САД и Израел го нападнаа Иран кога веќе беа во тек преговорите, е тешко да се одговори судејќи само според официјални ставови на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот прв дипломат, државниот секретар Марко Рубио. Трамп против Рубио Според Си Ен Ен, првичното објаснување на Трамп за нападот на Техеран е заради тоа што сакале да го елиминираат развојот на нуклеарно оружје на Исламската Република Иран. Пред тоа, за време на протестите во Иран, тој спомена дека „помошта е на пат“ и дека сака да го собори иранскиот режим кој брутално ги репресира дисидентите. Но, пораката на државниот секретар беше поинаква: Знаевме дека ќе има израелска акција [...] Знаевме дека тоа ќе предизвика напад врз американските сили и знаевме дека ако не ги нападнеме превентивно пред да ги започнат тие напади, ќе претрпиме поголеми жртви, објасни Рубио на 03.03.2026. Одговарајќи на новинарски прашања истиот ден, Трамп даде контрадикторна изјава од онаа на државниот секретар: Не. Можеби ги присилив [Израел]. Гледате, водевме преговори со овие лудаци и моето мислење беше дека тие први ќе нападнат. Тие ќе нападнат. Ако ние не го сториме тоа, тие први ќе нападнат. Имав силен став во тоа. Врз основа на начинот на кој се одвиваа преговорите, мислам дека тие први ќе нападнат. И не сакав тоа да се случи. Значи, ако ништо друго, можеби го присилив Израел да се вклучи. Но, Израел беше подготвен и ние бевме подготвени, продолжи Трамп, навидум спротивставувајќи му се на Рубио. Потоа, во писмото испратено до американскиот Конгрес, Трамп посочи дека воената операција имала за цел „да ги неутрализира малигните активности на Иран“, пишува Њујорк Тајмс. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, два дена откога започна нивната воена кампања, на прес-конференција тврдеше дека американските напади врз Иран не се „војна за промена на режимот“. Спротивно на тоа, по првиот ракетен бараж врз Иран, претседателот Трамп во својот осумминутен говор испрати порака до иранскиот народ дека „моментот на слобода е сега [...] кога ќе завршиме, преземете ја вашата влада...“. Неколку дена подоцна, на 05.03.2026 г., Трамп повторно ја смени пораката, велејќи дека сака да биде вклучен во изборот на следниот врховен лидер на Иран, повторувајќи ја својата цел да создаде ново раководство кое е пријателски настроено кон САД. Проблемот со сите овие изјави е дека не само што нема јасна порака од различните претставници за причината заради која ја започнаа оваа војна, туку и пораката од Пентагон е дека немало никакви знаци дека Иран прв ќе нападнел која било мета. Покрај тоа, и еден од генералите и главните советници на Трамп го предупредил на последиците од какви било воени операции во Иран. Кој кого турна во оваа војна? Од друга страна, доколку се погледнат официјалните изјави на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, тој вели дека му се остварува копнежот стар 40 години: Во оваа кампања ја користиме и помошта од Соединетите Американски Држави, мојот пријател, американскиот претседател Доналд Трамп, и американската војска. Оваа коалиција на сили ни овозможува да го направиме она што јас копнеам да го направам 40 години: да го поразиме терористичкиот режим од корен и од нога. Ова е она што го ветив – и ова е она што ќе го направиме, пишува во објавата на официјалниот прес центар на Израел. Меѓу сите изјави, тешко е да се сфати која е точната причина на САД и Израел. Но, крајната цел на Израел беше јасна – „тотално уништување на овој режим, на столбовите на овој режим, на сè што го држи заедно: ИРГК, Басиџ [милицијата], неговите стратешки капацитети“, изјави Дени Цитринович за Фајненшл Тајмс, експерт за Иран и виш истражувач во Институтот за студии за национална безбедност во Тел Авив. Сумирајќи го ставот на израелската влада, Цитринович рече: Ако можеме да имаме државен удар, одлично. Ако можеме да имаме луѓе на улиците, одлично. Ако можеме да имаме граѓанска војна, одлично. На Израел воопшто не му е гајле за иднината... [или] стабилноста на Иран, изјави Цитринович. Израелскиот новинар и писател Гидеон Леви, еден од најконзистентните критичари на владеењето на Нетанјаху, во неговата колумна за дневниот весник „Хаарец“ со сигнификативен наслов „Војната е опиум за израелскиот народ“, прогнозира дека „крвта ќе тече како вода, а Америка нема да заборави дека ние ја турнавме во оваа војна, на чиј крај ќе осамнеме во уште една иста стара приказна“. Анализирајќи ги причините за оваа нова милитантна епизода на Израел, Леви пишува: Освен првата [во 1948, кога е формирана Државата Израел, н. заб.], ниедна војна во историјата на Израел не произвела долгорочен резултат. Ниту една. Во најголем дел, ова беа војни по избор, а изборот да се вклучите во нив секогаш беше најлошата одлука. Во саботата, почетокот на оваа војна беше претставен како „превентивен удар“, но превентивен удар се спроведува против некој што е на пат да ве нападне. Иран немаше таква намера. Точно е дека Иран има ужасен режим и точно е дека со години претставува закана за безбедноста на Израел и регионот, пишува Леви. Навивачи и сеирџии Секако дека војната на САД и Израел против Иран стана топ тема и меѓу корисниците на социјалните мрежи кои објавуваат статуси на македонски јазик и најчесто имаат одговори кои содржат (дез)информации и антизападни наративи. Така, на пример, Фејсбук страницата на веб-сајтот „Антропол“ – кој важи за неформален медиум на партијата „Левица“ – е преполна со објави за оваа војна. Водени од максимата дека „непријателот на мојот непријател е мој пријател“, оваа Фејсбук страница не ја крие навивачката димензија во корист на Иран, како колатерално продолжение на навивањето за Русија и Кина. Ако сериозните медиуми се во дилема зошто се води оваа војна, корисниците на Фејсбук не се. Една од доминантните тези „истурени“ во фејсбук просторот се базира на убеденоста дека Трамп со Израел започнале воени удари врз Иран заради „фајловите на Епстин“, односно дека американскиот претседател е вмешан во матните дејности на осудениот педофил и трговец со жени, па затоа е уценет и морал да ја поведе оваа војна. Овие објави разгоруваат наративи во кои „креативноста“ во осмислување на теории на заговор нема лимити – за што пишуваше Вистиномер – а ниту историски периоди и географски одредници, па не ретко во нив е вметната и Македонија: Во овој простор активно учествуваат и традиционалните самонаречени „воени ескперти“, кои веќе прогласија стратешки пораз на САД во воената акција против Иран. Има и збунети „геополитички експерти“, кои им делат лекции на САД. Во таа смисла оваа објава се чуди зошто кога веќе Трамп сака да го одвлече вниманието на американската и светската јавност од неговите врски со Епстин преку воената ескалација со Иран, водечките руски медиуми наводно се на страната на Израел, повлекувајќи паралела со оправданоста на руската агерсија врз Украина како нужно самоодбрамбена. Тука се и отворено проруските наративи, користејќи ги воените удари на САД и Израел врз Иран за да најдат изговор за руската интервенција во Украина. Други, пак, наоѓаат и географски сличности на земјината мапа меѓу Иран и СФР Југославија, наведувајќи дека и обете држави биле жртви на „Хазарскиот запад“. Реакциите на европските лидери околу војната на САД и Израел против Иран во голема мера беа одмерени и претпазливи, но и поделени. Многу од владите на ЕУ членките, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија, повикаа на воздржаност и ја нагласија дипломатијата како начин на завршување на конфликтот. Иако повеќето исклучиво ги осудија нападите на Иран, ваквите ставови го одразуваат обидот на ЕУ да ја избалансира поддршката за нивните стратешки партнери од регионот со сериозната загриженост за дополнителна ескалација на војната и кршењето на меѓународното право. Сепак, Шпанија се издвои како отворено пркосна меѓу останатите ЕУ членки. Премиерот Педро Санчез ја отфрли воената кампања на САД и Израел и ги одби барањата шпанските воени бази да бидат искористени за нападите на Иран, тврдејќи дека војната ризикува дополнително да го дестабилизира меѓународниот поредок и повика на итна деескалација. Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар