Иран под притисок за независна истрага за бројот на жртви од протестите
2026-02-01 - 13:39
Во Иран сè погласни се повиците за независна истрага за бројот на загинати за време на неодамнешните протести, откако владата соопшти дека ќе го надгледува објавувањето на имињата на починатите, пренесува Гардијан. Овој невообичаен потег на властите, најавен во четвртокот, има за цел да ги спречи тврдењата дека се извршени злосторства против човештвото и дека бројот на загинати изнесува и до 30.000 лица. Според официјалните податоци на иранската Фондација на мачениците, бројот на загинати е 3.117 лица, меѓу кои и припадници на безбедносните сили. Мохсен Борхани, професор по право на Универзитетот во Техеран и критичар на иранската власт кој претходно бил затворен во затворот Евин, изјави дека јавното објавување на имињата е позитивен чекор, бидејќи за време на претходните масовни протести Иранците се соочувале со „целосен недостаток на информации за загинатите и повредените“. Според него, најдобар начин за вистинска транспарентност би бил создавање интернет-страница на која ќе се објавуваат имињата на загинатите „за информациите да не бидат еднострани“. „Граѓаните треба да можат јавно и отворено да доставуваат имиња и информации за загинатите, без да бидат идентификувани. Потоа, платформата треба да се обврзе дека ќе ги проверува и ќе ги потврдува податоците за секое пријавено име“, рече Борхани. Еден од проблемите е тоа што семејствата кои би сакале јавно да пријават загинат член ризикуваат одмазда, особено ако тврдат дека нивниот близок бил убиен од безбедносните сили. Како показател дека многу Иранци веруваат оти бројот на жртви е далеку поголем од официјалните податоци, синдикатот на наставници во Техеран објави соопштение во кое бара ослободување на сите приведени, наведувајќи дека „за помалку од една недела се одвива едно од најкрвавите поглавја на репресија во современата иранска историја. Десетици илјади деца, жени и мажи се облеани во крв“. Реформистичкиот аналитичар Ахмад Зеидабади изјави дека недовербата меѓу државата и општеството станала „толку длабока и распространета“ што многумина веќе не им веруваат на официјалните податоци. Тој смета дека најдобро решение би било да ѝ се дозволи на Обединетите нации да испратат независен и кредибилен тим за утврдување на фактите во Иран. „Зошто оваа задача да не ѝ се довери на легитимна меѓународна институција, за опозицијата и другите земји да не можат лесно да ја доведуваат во прашање?“, напиша Зеидабади на својот Телеграм канал. Во меѓувреме, формирана е и неофицијална комисија која се обидува да ги идентификува сите лица кои сè уште се во притвор, додека безбедносните служби продолжуваат со апсења низ земјата на лица кои ги сметаат за организатори на протестите. Официјална бројка за приведените нема, но се верува дека станува збор за десетици илјади луѓе. Податоците за бројот на приведени деца под 18 години не се објавени, но синдикалните страници објавуваат фотографии од секое дете за кое е потврдено дека загинало. Адвокати изјавија за иранските медиуми дека поголемиот дел од уапсените се родени меѓу 1980 и 1985 година и биле главни издржувачи на своите семејства. За нив веќе се изрекуваат првични казни од две до пет години затвор. Многумина доаѓаат од работнички семејства и не можат да си дозволат кауција за ослободување.