Источниот дел од државата ќе го добие првото туристичко вештачко езеро
2026-03-22 - 18:13
Изградбата на браната на реката Отиња кај Штип влегува во завршна фаза, со што источниот регион на земјава е сѐ поблиску до добивање на првото рекреативно вештачко езеро. Станува збор за капитален инфраструктурен проект кој, покрај туристичкиот потенцијал, ќе има и значајна улога во наводнувањето и водоснабдувањето, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при увидот во градежните активности. Според него, езерото има потенцијал да стане нова препознатлива точка на источниот регион, особено во летниот период, но и простор за рекреација во текот на целата година. Очекувањата се дека ќе придонесе за зголемување на туристичката понуда, но и за отворање нови работни места и локален економски развој. Паралелно со изградбата, веќе се размислува и за уредување на просторот околу идното езеро, со дополнителни содржини за посетителите. Во план е и искористување на трупот на браната како пешачка патека што ќе ги поврзува двата краја на езерото и ќе создаде директна врска со Штип. Проектот е реализиран во значајна мера, со околу 70 проценти завршени градежни работи. Иако крајниот рок е април 2027 година, постои можност, доколку временските услови дозволат, изградбата да заврши и порано. По завршувањето, ќе биде потребен период од околу една година за целосно полнење на акумулацијата, што значи дека езерото би можело да биде ставено во функција во текот на пролетта 2028 година. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 448 милиони денари, од кои досега се реализирани 311 милиони. Средствата се обезбедени од државниот буџет преку Министерството за транспорт, при што надлежните уверуваат дека финансиската конструкција е целосно затворена и проектот ќе биде довршен без пречки. Ова е втор ваков зафат на Владата, по изградбата на вештачкото езеро во Конско кај Гевгелија, со што се заокружува стратегијата за развој на водната инфраструктура и туризмот надвор од традиционалните центри.