Обвинителството отвори предмет за новинарот Видиновски по допрен глас
2026-02-04 - 10:48
Во насока на заложбите за заштита на безбедноста на новинарите и итно постапување за секое загрозување на медиумските слободи, Јавното обвинителство оформи предмет по допрен глас за утврдување на идентитетот и испитување на кривична одговорност кај повеќе лица кои преку коментари на социјалната мрежа Фејсбук упатиле сериозни закани кон новинарот и уредник во Канал 5 Телевизија Александар Видиновски. Коментарите биле објавени под видео прилог на новинарот кој се однесува на непрописно паркирани возила пред објектот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и во себе содржеле сериозни закани, говор на омраза, ксенофобични пораки и пораки што поттикнуваат национална нетрпеливост. „Имајќи предвид дека во конкретниов случај станува збор за новинар и уредник кој врши дејност од јавен интерес и професионални задачи, прдметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Скопје со цел да преземе дејствија за испитување на индициите за евентуално постоење на елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност“, се наведува во соопштението од Обвинителството. Во меѓувреме, за случајот реагираа и во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (AВМУ). „АВМУ изразува сериозна загриженост за нападите, омаловажувањата и смртните закани упатени кон новинарот Видиновски, по неговата објава на социјалните мрежи во врска со непрописно паркирани возила на тротоарот пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Овие постапки се директен напад врз безбедноста на новинарите и сериозно загрозување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Новинарите имаат право и обврска да известуваат за прашања од јавен интерес, без да бидат изложени на притисоци, закани или насилство. Загрижуваат смртните закани, кои претставуваат кривично дело и бараат итно и ефикасно постапување од надлежните институции. Очекуваме институциите со должно внимание да ги разгледаат овие случаи и да обезбедат соодветна заштита, со што ќе придонесат кон јасна и доследна практика дека заканите, говорот на омраза и онлајн насилството кон новинарите се недозволиви“, се наведува во реакцијата на АВМУ.