Во МНТ почнаа пробите за „Западен експрес“ во режија на Јари Јутинен
2026-03-19 - 12:04
Во Македонскиот народен театар (МНТ) денеска почнаа пробите за претставата „Западен експрес“, во режија на Финецот Јари Јутинен, а по текст на повреќекратно наградуваниот автор од Романија Матеј Вишњек. „Западен експрес“ е копродукциски проект помеѓу МИ Филм, Sadsongskomplex:fi и МНТ. Во претставата играат: Ивица Димитријевиќ, Мирјана Трпоквска Костовска и Васко Костовски. Сценографијата и костимографијата се на Кристина Божурска, а како композитор се потпишува Јане Трајковски. На првата проба присуствуваше и директорот Никола Кимовски, кој на екипата ѝ посака лесен работен процес и понатамошен успех. Претставата раскажува приказна за луѓе од Истокот кои посегнуваат по митскиот Запад и неговото ветување за утописка иднина — само за на крај да сфатат дека возот од насловот всушност води кон илузија. „Западен експрес“ спротивставува две динамики на движење: онаа на Ориент експрес — легендарниот воз, симбол на западниот луксуз, и онаа на Оксидентал експрес, кој не е вистински воз, туку рој миграциски тела и умови што се движат кон најблиските епицентри на „американскиот модел“, кон земјите на Европската заедница. Авторот создава живописна фреска исполнета со проститутки и војници, дипломци и професори, музичари и актери, мигранти и затвореници. Претставата е поделена на тринаесет сцени, претежно автономни, поврзани преку авантурите на стар слеп човек кој ја проектира сенката на Едип и неговата трагична мудрост врз современите настани. Вишњек го набљудува Западот низ погледот на Истокот и ги прикажува источните земји во нивниот обид да го стигнат западниот мираж, при што го обезвреднуваат сопствениот јазик и културен идентитет. Во оваа претстава сите се загрозени и на раб на пропаѓање, но, од друга страна, нема апсолутно негативни простори. Со леснотија и радосно чувство за гротеска, авторот прикажува човештво и визионерската мисла што ни овозможува да разбереме каде сме и каде одиме. Премиерната изведба се очекува во втората половина на април.