TheNorthmacedoniaTime

Мите Стефоски, уметнички директор на СВП: Наградата „Златен венец“ на СВП е уште една потврда на книжевните вредности на творештвото на Анеке Брасинга

2026-03-19 - 17:44

Мите Стефоски, Уметнички директор на СВП и член на Советот за доделување на „Златниот венец“ ја прочита беседата на свеченост во МАНУ на Светскиот ден на поезијата. Анекe Брасинга е родена на 20 август 1948 година во Шарсберген. Кога имала една година, нејзините родители се преселиле во блискиот Арнхем. Шестчленото семејство живеело скромно. Како дете, Анекe сакала да стане биолог и многу пешачела низ шумите на Гелдерланд. Од 1967 година живее во Амстердам, но исто така сака да престојува и во (дивата) природа. Патувала во Индија, Исланд, Ирска и Шкотска. Од 1967 до 1972 година, Брасинга студирала книжевен превод на Институтот за преведување при Универзитетот во Амстердам. Од 1974 година започнала да објавува нејзини преводи. Покрај импресивен број сложени романи, Брасинга преведувала и поезија од Силвија Плат, Харт Крејн, Ингеборг Бахман и Михаел Хофтман. Пишувала есеи за авторите што ги преведувала и објавувала книжевна проза. Како книжевна прозаистка, Брасинга дебитирала под псевдонимот А. Гарденер во првиот број на списанието Ревизор (De Revisor) (1974), со текстот „Од еден дневник“. Нејзините први преводи и есеи исто така се појавиле во De Revisor — во тоа време платформа за нова генерација млади автори силно ориентирани кон странската книжевност. Како поетеса, Брасинга неформално дебитирала во 1985 година со библиофилското издание на нејзината дебитантска збирка, за која ја добила Наградата „Треванијан“. Таа збирка била вклучена во Аурора (Aurora, 1987), официјалното деби. Во 1989 година била објавена збирката Имот (Landgoed), за која Брасинга ја добила Наградата „Херман Гортер“ — поетска награда на градот Амстердам. Нејзината книга книжевна проза Клешта (Hapschaar) била наградена со ЕЦИ наградата за литература во 2001 година, поетската збирка Huisraad (1998) со Наградата „Пол Снук“ во 2001 година, а поетската збирка Видик (Verschiet) (2001) и со Наградата за поезија „Ида Герхардт“ 2002 и со престижната ВСБ награда за поезија 2002. Нејзините песни се преведени на германски, француски, англиски, руски, унгарски и шпански јазик. Централни теми во нејзиното творештво се љубовта, смртта, минливоста, желбата за спојување со светот и неможноста тоа спојување целосно да се оствари Поетското творештво на Анеке Брасинга претставува редок и комплексен пример на современа европска поетика, во која јазикот не е средство, туку елемент на постоење, медиум во кој поетот дише, плива и се преобразува. Во основата на нејзината поетика лежи искуството на преведувањето како длабинско слушање на јазикот, како приближување кон „чукањето на срцето“ на текстот, при што пишувањето поезија станува обратен процес: откривање на она што сè уште не е изречено, но веќе постои како потенцијал во самата јазична материја. Овој однос кон јазикот ја одредува нејзината поезија како постојан чин на откривање, а не на изразување – како процес во кој песната се „пронаоѓа“, наместо да се конструира. Оттука произлегува една од најкарактеристичните особености на нејзиниот поетски израз: радикалната доверба во јазикот и неговите неисцрпни можности. Брасинга ја третира поезијата како лабораторија на зборот, во која се истражуваат неговите звучни, семантички, етимолошки и асоцијативни слоеви. Нејзините песни се густо ткаени јазични структури, во кои неологизмите, архаизмите, неочекуваните синтаксички пресврти и звучните игри создаваат впечаток на постојана трансформација. Јазикот се превртува, се разголува и повторно се обликува, а значењето не е фиксирано, туку се раѓа во самото движење на зборовите. Во таа смисла, нејзината поезија е искуство, а не порака – процес на интензивно учество во јазичната енергија. Истовремено, оваа јазична експлозивност е балансирана со силна сетилност и конкретност. Поезијата на Брасинга е длабоко вкоренета во телесното, во природата и во непосредното доживување на светот. Сетилата се изострени до крајност: светлината може да се „слуша“, звукот да се „допре“, а најсуптилните природни појави се преобразуваат во интензивни поетски визии. Природата во нејзините песни не е декор, туку жива и понекогаш заканувачка сила, која ја открива и величественоста и кревкоста на постоењето. Во тие моменти нејзината поезија добива и мистична димензија, но без да се оттурне од конкретното и материјалното. Централни теми во нејзиното творештво се љубовта, смртта, минливоста, желбата за спојување со светот и неможноста тоа спојување целосно да се оствари. Човекот кај Брасинга е суштество фрлено во светот, оттурнато од него, но истовремено и длабоко поврзано со неговата материјалност. Оваа тензија создава постојано чувство на отсуство – на нешто што недостига, но и на нешто што може да се насети преку јазикот. Поезијата станува средство за привремено надминување на таа одвоеност, чин на допир со светот, макар и во моментот на неговото исчезнување. Особено значајна е нејзината способност да ја спои оваа егзистенцијална сериозност со иронија, хумор и авто-дистанца. Кај Брасинга трагичното и комичното не се исклучуваат, туку се преплетуваат. Болката се изразува преку игра, а очајот често добива форма на духовита, понекогаш гротескна слика. Оваа двојност ѝ овозможува на нејзината поезија да избегне патетика и да остане отворена, динамична и повеќеслојна. Една од клучните одлики на нејзината поетика е интертекстуалноста. Нејзините песни постојано влегуваат во дијалог со книжевната, филозофската и музичката традиција – од античките текстови до модерната поезија. Овие референци не се декоративни, туку структурни, тие создаваат полифоничен простор во кој различни гласови и времиња се преклопуваат. Преведувањето, како суштински дел од нејзиниот творечки процес, дополнително ја продлабочува оваа отвореност кон други јазици и традиции, правејќи ја нејзината поезија место на постојана културна размена. Кај Анеке Брасинга пишувањето и преведувањето се неразделно поврзани и произлегуваат од ист длабок, речиси телесен однос кон јазикот, во кој значењето често се приклонува во корист на формата и звучноста. Поради тоа, таа во своите поетски книги природно вклучува и преведени песни, поставувајќи ги рамо до рамо со сопствените и намерно ја брише границата меѓу оригиналот и преводот. На тој начин, нејзиното авторско творештво и преведувачката работа функционираат како единствен творечки процес, во кој преводите не се спореден елемент, туку рамноправен и суштински дел од поетскиот концепт. Формално, Брасинга се движи меѓу слободата и дисциплината. Иако избегнува строги метри и рими, нејзините песни се внимателно конструирани, со јасно чувство за ритам, звучност и композиција. Често се организирани како асоцијативни синџири, каде еден мотив преминува во друг, создавајќи континуитет на значењето. Оваа структура ја одразува самата природа на нејзината поетика: движење, трансформација и постојано отворање на нови хоризонти. Во текот на својот развој, нејзината поезија покажува и значајна еволуција, од раскошна, јазично експериментална и барокна изразност кон поголема воздржаност, меланхолична рефлексивност и формална концентрација. Сепак, и во оваа „построга“ фаза, основната енергија на нејзиниот поетски јазик останува непроменета – стремежот кон максимална густина на значењето и кон преобразба на искуството во нешто суштински друго, во поетски чин што му пркоси на минливото. Токму оваа способност за трансформација е во сржта на нејзината поетика. Поезијата кај Брасинга не е одраз на реалноста, туку нејзино преобразување. Искуството, емоцијата и мислата се претвораат во нова, автономна стварност, во јазична форма што живее сопствен живот. Во тој процес поетот се изложува на ризик, на губење на сигурноста, дури и на симболична „смрт“, но токму во тоа лежи можноста за создавање на вистинска уметност. Со својата јазична инвентивност, интелектуална длабочина, интертекстуална широчина и егзистенцијална интензивност, Анеке Брасинга создаде опус што ги надминува националните рамки и се вбројува меѓу најзначајните достигнувања на современата поезија. Нејзиното дело не само што ја обновува чувствителноста за јазикот во холандската литература, туку отвора и нови можности за поезијата во глобален контекст, како уметност што истовремено мисли, чувствува и создава светови. Наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година е уште една потврда на книжевните вредности на творештвото на Анеке Брасинга и со тоа сосема заслужено се вбројува во листата на најзначајните светски поетски гласови овенчани со истата.

Share this post: