Праизведба на „Кој сум јас?“ од Митко Чешларов во режија на Наташа Поплавска во Театар Комедија
2026-03-26 - 10:33
Претставата „Кој сум јас?“ на Митко Чешларов, а во режија на Наташа Поплавска, ќе ја има својата премиера в петок на 27 март, во 20 часот на сцената на Театар Комедија. Со оваа претстава, театарот ќе го одбележи 27 Март, Светскиот ден на театарот, како и својот 14-ти роденден. „Кој сум јас?“ е 55. премиера на Театар Комедија, а првата премиера беше во 2012 година. Во претставата играат: Благој Веселинов, Жаклина Стевковска, Жаклина Петровска, Ева Скендеровска, Матеа Јанковска, Едмонд Сотир, Илија Илиоски, Ана Грамосли и Мина Јелушиќ. Сценографијата е на Војдан Запров, костимографијата – на Сара Милевска. За сценските движења е задолжена Ирена Лозинска. Видеодизајнер и фотограф е Емил Петров, а светло дизајнер – Милчо Александров. За изборот на музика е задолжен Александар Јорданов. Ништо не е така како што изгледа. „Кој сум јас?“ е брза и разиграна фарсична комедија за луѓе што играат улоги во сопствениот живот. Луѓе кои кажуваат едно, мислат друго и прават трето. Луѓе кои позајмуваат идентитети како што позајмуваат пари. Луѓе кои зборуваат за вредности, а тргуваат со нешто друго. Во оваа приказна, работите постепено се комплицираат. Малите лаги бараат нови, поголеми лаги. Ситуациите излегуваат од контрола, пишува Оливија Трајковска, асистент на режија и асистент драматург. -Токму тука настапува фарсата. Кога лагата ќе се оттурка предалеку, таа почнува да се распаѓа. Телото издава, а маската почнува да попушта. Преку ритам и телесна комичност, се разголува механизмот на лагата. И токму затоа, сè е смешно. Бидејќи кога вистината станува апсурдна, единствениот начин да се издржи е преку смеа. Секој има причина да биде тоа што не е. Во таа игра на идентитети, ситуациите стануваат неочекувано тензични, брзи и смешни. Хуморот е жив, понекогаш апсурден, понекогаш болен, но секогаш препознатлив – пишува Трајковска. Претпремиерата на претставата е на 26 март во 20 часот.