TheNorthmacedoniaTime

Дали македонската економија е меѓу првите пет во Европа според раст на БДП?

2026-03-16 - 14:56

Премиерот Христијан Мицкоски на 13 март 2026 година, одговарајќи на новинарско прашање рече дека изминатата 2025 година, „како македонска економија забележавме раст на Бруто домашниот производ којшто нè сместува во првите пет во Европа“. Потоа тој продолжи со објаснување дека можеби ќе биде исмејуван на социјалните мрежи од, како што рече, „ботовите на опозицијата“, но го поткрепи тврдењето велејќи дека станува збор за бројки од Евростат, односно официјалното европско биро за статистика со седиште во Луксембург. „И сега повторно ќе кажам, од страна на ботовите на опозицијата ќе бидам можеби исмејуван по социјалните медиуми, но тоа се бројки и факти коишто ги објавува Евростат. Минатата година 2024, поради добрата втора половина, бевме во првите десет, оваа година сме во првите пет. А за оваа 2026 година, ако оди вака како што почна годината, не би се изненадил да бидеме и во првите три“, рече Мицкоски. Но, ако се погледнат статстичките податоци на Евростат, и малку се анализираат ќе стане јасно дека вистината е малку поинаква. Според податоците на Евростат, во споредба со земјите од Европа, не само земјите-членки на Европската унија, Македонија не е на петтото, туку на шестото место според растот на Бруто-домашниот производ во 2025 година. Треба да се напомене дека првата земја на оваа листа, Ирска, изминатата година бележи раст од дури 12,3 отсто во споредба со претходната 2024 година. Сите останати државни на листата на топ 10 земји со највисок раст на БДП во 2025 година имаат бележат раст од 4 или помалку отсто во споредба со претходната година. Притоа, во податоците на Евростат е потенцирано дека растот на македонската економија е проценка, а не потврден податок. Секако, мудро е да се има на ум дека 3,5 отсто за македонската и 3,5 отсто за турската економија претставуваат сосема различно нешто. Така на пример, македонската економија, според податоците на Ервостат, во 2025 година пораснала за 335 милиони евра според пазарни цени. Турската економија, пак, пораснала за 3,6 отсто, односно за 45 милијарди евра по пазарни цени. Само колку за споредба, растот од 12,3 отсто на ирската економија во вкупни бројки изнесува 49 милијарди евра. Во апсолутни бројки, ако се земе предвид големината на економиите на овие десет земји кои бележат највисок раст на БДП во 2025 година, Македонија, за жал, е на убедливото последно место според податоците на Евростат изразено по пазарни цени. Секако, тешко е да се споредат статистики кои се однесуваат на држави како Турција со над 86 милиони жители и Македонија со нешто помалку од 2 милиони, па затоа економистите повеќе милуваат да ги споредуваат бројките за Бруто-домашниот производ по глава на жител. Зажал, бројките за 2025 година за БДП по глава на жител за Македонија не се објавни, но ако се земат предвид оние од 2024 година, за жал, и според овој параметар ние сме на последното место не само меѓу овие држави, туку и меѓу сите држави од Европскиот контитент за кои Евростат ја прикажува статистиката. Според нашите пресметки, со стапка на раст од 3,5 отсто, македонскиот БДП би го достигнал БДП-то на Ирска, под услов тој да остане ист, за точно 110,5 години.

Share this post: