Се разгледува можноста за евакуација на македонските граѓани од ОАЕ копнено преку Саудиска Арабија
2026-03-02 - 18:17
Амбасадата на Република Македонија во Абу Даби соопшти дека се разгледува можноста за репатријација и евакуација на нашите граѓани од Обединетите Арапски Емирати преку Кралството Саудиска Арабија. Како што се наведува во објавата на социјалните мрежи, репатријацијата и евакуацијата на нашите граѓани, кои се затекнати во ОАЕ, ќе се одвива преку копнената граница кон Кралството Саудиска Арабија и од таму со авиони што полетуваат од нивна територија. – Транспортот од Обединетите Арапски Емирати до Кралството Саудиска Арабија би се одвивал по копнен пат со автобуси и тој би траел од 13 до 15 часа. Преку формално барање/нота од Амбасадата и МНР врз основа на доставен список, властите на Саудиска Арабија би издале хуманитарни визи за македонските граѓани на самиот граничен премин – се наведува во информацијата. Македонските граѓани, кои се заинтересирани за оваа можност, треба да се пријават на дежурниот број на Амбасадата +971 56 441 7532, како и на имејл-адресата: abudabi1@mfa.gov.mk. Министерството за надворешни работи пред два дена ги објави телефоните за помош за нашите граѓани на Блискиот Исток. МИА